Јуве ја обезбеди и втората титула сезонава

Тимот на Јувентус продолжува со одличната сезона, откако синоќа успеа да ја освои и втората титула сезонава.

“Старата дама” славеше во финалето на италијанскиот куп против Лацио со 2:1, победа извојувана во продолженијата.

По 90 минути на “Олимпико” резултатот беше 1:1, откако дефанзивците Раду и Кјелини стрелаа за своите тимови во 4-та, односно 11-та минута од натпреварот. Конечните 2:1 во корист на Јувентус ги постави резервистот Алесандро Матри во 97-та минута.

Торинскиот клуб стигна до двојна круна (трета во историјата), а ќе има можност да ја заокружи оваа одлична сезона за нив и со трофеј во финалето на Лигата на шампионите, каде ќе игра против Барселона.