Јуве колку што е доволно против Сампдорија, без победници во двата дерби меча

 

Водечкиот клуб во италијанскиот фудбалски шампионат Јувентус беше убедлив на свој терен против Сампдорија (3:0) во дуелот од 32-то коло, зголемувајќи ја разликата пред вториот Наполи кој без голови одигра во дербито на гости кај Милан, а во римското дерби Рома и Лацио ремизираа со истиот резултат.

Победата на Јувентус го носи потписот на Бразилецот Даглас Коста кој асистираше за сите три погодоци. Прво за Марио Манџукиќ во 45, па во 60 за Бенедикт Хеведес и на крајот во 75 минута за Сами Кедира.

Јувентус сега има 86 бодови, додека вториот Наполи по ремито на „Сан Сиро“ заостанува веќе со шест бодови помалку, додека Милан остана шести со 53 бодови, седум помалку од место што води во европските куп-лиги. Сампдорија, пак, остана деветта со 48 бодови.

Наполи инаку во втората минута од судиското продолжување имаше голема шанса да ги освои сите три бода, но шутот на Акрадиуш Милик од само седум метри фантастично го одбрани домашниот голман Џанлуиџи Донарума. Милан преку Никола Калиниќ имаше шанса да го отвори резултатот во 11 минута, но неговиот обид со глава заврши крај голот.

Рома и Лацио во „Дерби дела капитале“ одиграа претпазливо настојувајќи да не бидат поразени. Двата клуба имаат по 61 бод, на третото и четвртото место далеку од водечкиот двоец, но само бод повеќе од петтиот Интер.

Фиорентина пропушти можност бодовно да се израмни со Милан, бидејќи против слабиот СПАЛ, исто така, одигра само 0:0. Фиорентина се запра на 51 бод на седата позиција. СПАЛ, пак, доби важен гостински бод во борбата за опстанок, и сега има 28 на 17-то место, последното што гарантира останување во Серија А, но само бод повеќе од 18-от Кротоне и три повеќе од претпоследната Верона.

Сасуоло и Бенвенето по еднаш се сменија во водство во дуелот кој заврши без победник 2:2. Гостите поведоа преку Диабате во 22 минута, Политано израмни во 41-та, а истиот играч го доведе Сасуало во водство во 64 минута, но Диабате исто така со својот втор гол на мечот во 72 минута го постави конечниот резултат. Сасуало е 15-ти со 31 бод, додека одамна отпишаниот Беневенто дојде до 14 бодови.

Болоња со головите на Верди во 31 и Наѓи во четвртата минута ја турна Верона кон дното, а со трите бода вкупно собра 38 и се задржа на 11-та позиција на табелата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.