Јуве на „Камп Ноу“ ја умртви и обезоружи Барса

Фудбалерите на италијанскиот шампион Јувентус изборија пласман во полуфиналето на Лигата на шампионите, откако во реванш натпреварот во средата вечерта одиграа без голови против Барселона на нејзиниот стадион „Камп Ноу“, со што ги одбранија убедливите 3:0 од првиот меч во Торино.

Откако во осминафиналето приредија сензација и успеаја да го надоместат заостанувањето од 0:4 против Пари Сен Жермен со домашниот триумф од 6:1, целата светска фудбалска јавност беше во исчекување дали четата предводена од Лео Меси, Нејмар и Санчез може да го повтори чудото, иако сега „бркаше“ гол помалку.

Уште во Торино можеше да се забележи дека Јувентус е покомпактен и позрел тим од ПСЖ, а тоа го докажа и на „Кам Ноу“. Торинската „Стара дама“ на десет натпревар прими само два гола, и тоа двата во натпреварите во групната фаза, а потоа во осминафиналето против Порто и сега на двата меча со Барселона не дозволи да биде затресена нејзина мрежа.

Јуве шест пати славел со 3:0 во нокаут фазата и сите шест пати минувал натаму. Јувентус и Барселона играа во четвртфиналето на Лигата на шампоните и во 2003 година, и тогаш минаа „црно-белите“. По 1:1 во Торино, италијанскиот тим славеше на „Камп Ноу“ по продолженијата со 2:1. Таа сезона Јувентус дојде до финалето во кое загуби од Милан по изведувањето на пеналите.

Во средата вечерта првата шанса ја имаа Каталонците во 19 минута, кога Лионел Меси од десет метри шутираше крај голот. Потоа во 22 минута Нејмар се закани, но безуспешно. Барса имаше нова шанса во 31 минута кога Меси, кој имаше ретко слаб ден кога е во прашање прецизноста, шутираше од работ на казнетиот простор, но Џиџи Буфон успеа да го спречи. Но Јуве во 38 минута „покажа заби“ кога Гознало Игауин шутираше право во Тер Штеген.

Јувентус преку Квардадо на почетокот од второто полувреме можеше да ги потопи сите надежи во „чудото“, но шутираше покрај голот. Возврати Меси шутирајќи повторно непрецизно во 52 минута, а четири минути подоцна Аргентинецот пак се закани, но Буфон ја скршна топката во корнер. И во 66 минута Меси имаше прекрасна шанса, по несигурната интервенција на Буфон, но од десетина метри го префрли речиси небранетиот гол на гостите. Барса доминираше до крајот на мечот, но не успеа да ја пробие ниту еднаш одбраната на Јуве.