Јуве не попушта во случајот Пол Погба

Главниот оперативец на тимот на Јувентус, Џузепе Марота, откри дека и понатаму нема никаква промена во неговиот став кога е во прашање иднината на францускиот интернационалец, Пол Погба.

Генералниот менаџер на “старата дама” тврди дека одличниот играч за врска ќе остане во Торино иако за неговите услуги се заинтересирани најбогатите клубови во Европа.

Во изминатите неколку недели најактуелна е приказната дека раководните лица на Реал (М) и ПСЖ се подготвени да одвојат околу 70 мил. евра за услугите на 22-годишниот репрезентативец на Франција.

„Пред неколку дена имав состанок со Погба. Му кажав какви се намерите на Јувентус, дека сакаме да остане во Торино уште неколку сезони, дека нема да прифатиме ниту една понуда за неговите услуги. Во следните неколку дена ќе имам нов состанок, ќе разговараме за новиот договор, ќе ги разгледаме сите бројки кои се на преговарачката маса. Сакаме да продолжиме по истата насока. Пол е доволно интелегентен, знае дека тука може да израсне во голем фудбалер, дека ова е совршена средина. Можам да ветам уште неколку квалитетни засилувања кои ќе пристигнат за време на летниот преоден рок, но мораме да внимаваме и на Финансискиот Фер-Плеј. Ќе нема луди понуди,” изјави Марота.