Јувентус го потврди доведувањето на Роналдо за 100 милиони евра

Седумкратниот последователен италијански првак торински Јувентус потврди во вторникот вечерта дека го ангажирал досегашниот напаѓач на Реал од Мадрид и еден од најдобрите фудбалери на денешницата 33-годишниот Португалец Кристијано Роналдо со кој потпишал договор на четири години, до 30-ти јуни 2022 година.

„Постигнавме договор со Реал Мадрид околу ангажирањето на Дос Сантос Авеиро Кристијано Роналдо. Вредноста на трансферот изнесува 100 милиони евра, а ќе ја платиме во следните две години. Овој трансфер е во согласност со одредбите на финансискиот фер-плеј“, објави Јувентус неколку часа откако претходно Реал на својата интернет страница објави дека е постигнат договор за играчот да мине во редовите на „Старата дама“ од Торино која ќе плати и дополнителни 12 милиони евра обврски кон УЕФА. Веднаш по објавувањето на трансферот, акциите на Јувентус се зголемија за дополнителни 5,7 отсто.

Роналдо кој во Реал дојде во летото 2009 година од Манчестер Јунајтед за тогашните рекордни 80 милиони фунти, во текот на деветте години минати во дресот на „кралскиот“ клуб постигна рекорден број погодоци – 451 на 438 официјални натпревари. Роналдо со Реал освои четири титули европски шампион, во 2014, 2016, 2017 и 2018 година, и по две титули во шпанското првенство и во националниот Куп на кралот.

Реал објави дека клубот „во согласност со волјата и барањето на играчот постигна договор за трансфер во Јувентус“ . „За Реал Кристијано Роналдо секогаш ќе биде еден од најголемите симболи и уникатен пример за следните генерации. Реал секогаш ќе биде негов дом“, се заклучува во соопштението на „Кралевите“.