Јувентус со пресврт до четвртфиналето

Актуелниот европски вицешампион Јувентус се пласираше во четврфиналето од Лигата на шампионите откако во Лондон ги победи Тотенхем со 2:1, по 2:2 по првиот меч во Торино, додека вториот англиски претставник Манчестер Сити исто така со 1:2 беше совладан на домашен терен но мина во следното коло поради победата од 4:0 на гости кај Базел.

Откако во Торино извлече 2:2, Тотенхем на „Вембли“ пред повеќе од 84.000 гледачи имаше и водство од 1:0 и низа одлични шанси, но Јувентус успеа да направи целосен пресврт и да избори продолжување во најелитното европско натпреварување. Ова воедно беше првиот домашен пораз на екипата на Маурисио Покетио во последните 16 дуели. Последен клуб кој успеа да слави на „Вембли“ беше Вест Хем (3:2) во октомври минатата 2017 година.

Голот за Тотенхем го постигна Хеунег-Мин Сон во 39 минута, а резултатот го свртеа Гонзало Игуаин во 64 и Паоло Дибала во 68 минута.

Тотенхем имаше можност само втор пат во својата историја да избори четвртфинале во Лигата на шампионите, откако во 2011 година во осминафиналето го мина Милан, а во четврфтиналето беше елиминиран од Реал Мадрид. И овој пат Тотенхем беше блиску од минувањето против еден италијански тим, но Јувентус успеа да се врати од амбисот.

Тотенхем апсолутно доминираше во првото полувреме и можеше убедливо да води. Неговите играчи во првото полувреме имаа четири одлични шанси, а само Сон трипати можеше да го совлада Џиџи Буфон. Кореецот уште во третата минута имаше одлична можноста, кога од левата страна го мина Барзаљи и шутираше од десетина метри откосо, но Буфон одлично интервенираше. Во 15 минута „зицер“ имаше и Хари Кејн кој го мина Кјелини а пота го заобиколи и Буфон и откосо од десната страна не го погоди празниот гол. Во 20 минута повторно шанса имаше Сон, шутираше од близина со глава, но Буфон и овојпат одбрани. Својата доминација Тотенхем ја круниса со голот во 39 минута, кога конечно Сон го совлада Буфон. Трипер нафрли од десната страна, Сон реагираше несмасно, но доволно да постигне погодок.

Во првото полувреме имаше два спорни момента. Судијата многу лесно можеше да досуди два пенала, по еден за двете екипи. Во 13 минута Кјелини од земја играше со рака, додека во 17 минута Вертонген го „собра“ Даглас Коста во продор. И додека раката на Кјелини беше дискутабилна, се чини дека прекршокот на домашниотстор беше очигледен и полскиот судија Шимон Марчинјак ја оштети „Старата дама“.

Во второто полувреме прв се закани Јувентус, но Дибала во 61 минута лошо шутираше. Три минути подоцна, гостите се вратија во игра. Лихштајнер се проби од десната страна, Кедира ја префрли топката со глава до Игуаин кој израмни на 1:1. Во 68 минута веќе беше 2:1 за италијанскиот шампион. Игуаин имаше одлична асистенција низ средината на противничката одбрана до сонародникот Дибала кој изби сам пред Љорис и мајсторски реализираше за водство. Во завршницата гледавме опсада на голот на Јуве, шутира Ериксен, Сон, Дмебеле и Кејн, но не успеаја да го совладаат Буфон. Најблиску до изедначување беше Кејн чиј удар во 89 минута италијанскиот голман го сврти во стативата, по што пропадна последната можност Тотенхем да се избори барем за продолженија.

Фудбалерите на Базел го изненадија водечкиот тим во англиското првенство на негов терен во реваншот на градскиот стадион во Манчестер, но и покрај победата до 2:1 не успеаја да изборат место во четврфиналето, каде што по убедливата победа од 4:0 на првиот натпревар се пласираше Манчестер Сити.

Головите за Базел ги постигнаа Ејунуси во 17 и Ланг во 71 минута, додека са Сити во 8 минута стрелец беше Габриел Хезус. Така Базел страна првата екипа којашто успеа да го совлада Манчестер Сити на неговиот стадион од декември 2016 година, а за гостите по елиминацијата утеха е што ја постигнаа третата гостинска победа во оваа сезона во најелитното континентално наптреварување.

Иако Пеп Гвардиола во почетната постава стави само двајца играчи од тимот кој во Базел постигна убедлива победа и го отвори патот до четвртфиналето, Сити веќе во 8 минута дојде во водство. Тоа беше „мат во три потега“, Лерој Сане на десната страна го пронајде Бернардо Силва, Португалецот по земја го проигра низ нозете на двајца гостински играчи и голманот па на Габриел Хезус не му беше тешко да ја испрати топката во небранетата мрежа. Гостите, кои во Манчестер дојдоа да се надигруваат, не беа обесхрабрени од брзиот погодок на домашните, па веќе во 17 минута Мохамед Елјунуси со силен удар од десетина метри го совлада Клаудио Браво. Во продолжението Сити ја имаше надмоќта во поседот на топката, но швајцарската екипа своите шанси ги претвори во гол. Стрелецот на првиот гол го проигра Михаел Ланг кој со прецизен и силен удар по вторпат го совлада Браво.