Јувентус со тешки маки обезбеди полуфинале во Купот на Италија

Екипата на Јувентус се изнамачи против грогираниот тим на Парма, но сепак успеа да слави со 1:0 и да се пласира во полуфиналето на италијанскиот фудбалски куп.

Иако речиси целата стартна постава на актуелниот шампион на Италија беше на теренот, последнопласираната Парма се покажа во одлично издание и пружи солиден отпор. Сепак, Алваро Мората, кој влезе во игра во вториот дел успеа да погоди во 89-та минута и на својата екипа да и обезбеди полуфинале во Купот на Италија.

Таму, пак, тимот од Торино ќе го чека подобриот од дуелот помеѓу Рома и Фиорентина кој се игра на 3-ти февруари.

Во второто полуфинале е Лацио, кој славеше на гостувањето кај Милан, исто така минимално со 1:0, и кој го чека подобриот од дуелот Наполи – Интер, кој се игра на 4-ти февруари.