ЈЗУ ќе работат нормално

Во сите јавни здравствени установи денеска ќе се реализираат закажаните прегледи и интервенции и покрај спроведувањето на есенската акција „Ден на дрвото“.

Министерството за здравство соопшти дека сите закажани прегледи во специјалистичко-консултативните амбуланти, во кабинетите за снимања и други дијагностички процедури, како и закажаните хируршки интервенции нема да бидат одложени и за таа цел на установите им е наложено да ги преземат сите организациски мерки овие прегледи и интервенции да бидат непречено изведени.

По анализата на податоците од електронскиот систем Мој термин, утврдено е дека за утре се веќе закажани околу 10.000 пациенти во редовен термин за преглед и над 100 хируршки интервенции. Во интерес на пациентите е прегледите да бидат извршени во денот кога се закажани, со цел на пациентите навремено да им биде пружена потребната здравствена услуга.

Од Министерството информираат дека останатите служби во установите кои не се поврзани со закажани термини ќе се приклучат на акцијата „Ден на дрвото“ и овој ден дополнително ќе го одработат, согласно насоките од Министерството за труд и социјална политика.