Каде да најдеме лидери наместо пудлици?

Уште во средината на минатиот век, Ерик Фром најави дека доаѓа времето на анонимните авторитети, кои ќе ги заменат автентичните. Политиката секогаш имала видлива и скриена страна, но проблемот е во тоа дека во наредните децении и таа видлива и скриена страна се трансформира во илузија. Во 20-тиот век во светот имаше автентични (иако контроверзни) лидери: Сталин, Хитлер, Черчил, Тито, Шарл де Гол, Мао це Тунг, Фидел Кастро и др. Менувањето на автентичните лидери започна прво во САД по убиството на Џон Кенеди. Највпечатлива илустрација на тој процес е американскиот претседател Реган. Не случајно за прв пат еден филмски актер стана претседател. Не случајно беше карактеризиран като тефлонов претседател. Тие кои го наместија на високата позиција (военопромислениот комплекс и финансиските кругови кои секогаш остануваат во сенка) го користеа актерсткото искуство за гигантска манипулација врз Американците. За светот Реган беше човекот кој ја победи империјата на злото, т.е Советскиот сојуз. Всушност тој беше „великиот комуникатор“, меѓу анонимните авторитети кои го раководеа, и народот кој беше управуван од нив.

Во нашиот век течат два процеса: девалвација на поранешни и дискридитирање на денешни авторитети во корист на анонимни кукли и марионети. Симнувањето на угледниот германски лидер Хелмут Кол по 16 годишно управување (второ по Бизмарк) со обвинување за наводна корупција и неговата замена со Ангела Меркел е доволен доказ за тоа. Според Кол, кога тој ја зел кај себе Меркел, таа била толку нецивилизирана, та незнаела како да користи нож и вилушка. Уште полошо, не знаела да научи ништо од политиката.

– Таа воопшто ништо не знае…. Можам само да се крстам кога ги слушам нејзините глупости, вели Кол во книгата „Тестамент“.

Отука можеме да разбереме и зошто Меркел е толку голем приврзаник на штедењето. Како космополитски функционер на поранешната ГДР таа го користела фактот дека државата донирала добивка на боровинки по 4 марки за килограм, а на пазарот тие се продавале за 2 марки. Меркел ги купувала од пазарот, потоа одела во државните откупни пунктови да ги продава.

Пример за девалвација на процеси преку личности е обидот на Западот да ја отфрли решавачката улога на Советскиот сојуз за победата над фашизмот преку дискредитација на Сталин. Западната пропаганда тврди дека надвор од 26 милиони загинати Руси во војната, Сталин утепал уште 60 милиони. Тогаш населението во СССР било 190 милиони и ако тоа беше вистина, излегува дека било намалено за 45 отсто. Отворените советски архиви покажуваат сосема друго. Во периодот 1921-1953 г. биле репресирани вкупно 4,199.032 луѓе, при тоа во СССР во две тешки војни. За споредба само денес во САД  има 2,239.751 затвореници. При 4 отсто од денешното население на Земјата, во САД има 25 отсто од затворениците од светот.

Познат е и обидот на странски и домашни пропагандни пудлици да ја дискредитираат улогата на Тито за создавањето и повеќедецениското одржување на Југословенската федеција. Само еден факт е доволен да ги демантира нивните лаги. Денес шесте поранешни членки на Федерацијата вкупно се задолжени со 107 милијарди евра, а тогашната Југославија должела 20 милијарди.

Малите шанси за добра иднина на Балканот, и целосно во Еврпа се должат, од една страна на главната улога на заткулисието, кое го уништува политичкиот, државниот и правниот систем. Од друга страна од мешањето на САД во Европа и на САД и Еропа на Балканот како отворено така и заткулисно. Од тие политички и партиски манипулации на балканските елити врз населението. Во Македонија има уште една причина која е поврзана со домашните манипулации – влегување на деца во политиката. Поддржувачите на тој експеримент даваат пример со Мојсеј кој ги водел Евреите 40 години низ пустината за да умрат сите кои кои го памтеле и ропството. Со други зборови, иднината е на младите кои не го памтат комунистичкиот систем. Само Библијата сведочи дека на крај Мојсеј го видел тој експеримент и умрел пред да влезе во Ветената земја. Потоа сепак Евреите ја зазеле, но не биле среќни затоа што морале да водат безброј војни. Во нашиот, македонски случај да се споредува со политичкиот систем на Југославија со ропство е смешно. Но, трагичен е фактот дека најголемите порази на македонските интереси и државност ги донесоа 29-годишниот Бранко Црвенкоски (два пати премиер и еднаш претседател) и 24-годишниот Љубчо Георгиевски како потпретседател и премиер.

Какви се условите некој да биде лидер.

  1. Да има божја дарба.
  2. Да има животно искуство. Премиери и министри под 35 годишна возраст се гаранција за пропаст. Не случајно во поранешните евроспки Устави имало услов и пратениците да бидат над 30 години.
  3. Одлично познавање на македонската историја и почит кон традициите. Да го квалификуваш гигантот на македонската култура и наука Блаже Конески како џуџето од Небрегово и да направиш голема политичка кариера е незамисливо во нормална земја. Или пак на некого да му текне да лустрира творец од калибарот на академикот Славко Јаневски нема да биде прифатен ни за селски писар.
  4. Да бидеш лидер значи да имаш идеи и концепти за иднината на македонскиот дух и храброст, а тоа исклучува партиските глувци и додворувачите на странски фактори.

Колку од денешните македонски државници, политичари, министри, партиски лидери, пратеници одговараат на овие услови?

Дали можат да се пребројат колку толку на прстите на една рака. Затоа се брутални и цинични повиците за менување на изборниот систем, за само една изборна единица за да не се губеле избирачките гласови. На изборите во 2014 година беа изгубени околу 33 илјади гласови дадени вкупно за маргиналните партии ПДП, ПЕИ, СДПМ, КПМ, ВМРО НП, и НДМ. И при една единица тие нема да добијат ништо. Но, побитно е дали има некој од нив кој заслужува да биде пратеник на ДС, ДОМ, ТМРО, НСДП, Алијанса за позитивна Македонија. Каков лидер е некој чии приврзаници се ептем пајтон луѓе. Вина за политичкото дробење пред се имаат ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, кои прават коалации со маргиналци. Кај СДСМ има три такви, кај ВМРО ДПМНЕ 22. Каква партија е таа со 1 пратеник, а лидер циркус.

Затоа ако се менува системот, мора да се оди со класичен мнозински систем каде се соочуваат личности, а не партиски пудлици. Замислете досега во СДСМ и ВМРО ДПМНЕ недостасуваат вистински лидери, затоа што и 300 илјади гласачи не се гаранција дека си таков, а да не зборуваме за партии фамилии.

Несериозна е идејата да се прават школи за лидери. Принципиелно, таа е глупава зашто лидери не се создаваат преку школи. Нема светски лидер што поминал низ школа. Лидерот го создаваат времето, општеството, традициите. Во нашиот македонски случај таа идеја е конкретно несериозна заради организацијата и предавачите. Не може да организира школа за лидери по шести пат човек кој веќе втор мандат покажува дека нема врска со лидерство. Еве и дел од предавачите на поранешните пет школи: функционери од ЕУ, амбасадори како Филип Рикер и Кристофер Ивон, поранешните претседатели на Србија и Чешка, Тадиќ и Клаус, австрискиот Феликс Унгер и тн. Меѓу овогодишните беа поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов и поранешниот италијански министер за надворешни работи, Франко Франтини. Кој од горенаведените е вистински лидер?  Претседателот Стојанов кој изјави дека „Македонија е најромантичниот дел од бугарската историја“? Денес Фратини бара датум за преговори на Македонија за ЕУ, но кога беше министер и Еврокомесар ги подржуваше Грција и Бугарија против Македонија и за своите „заслуги“ го доби најголемиот бугарски орден. Од луѓе како Стојанов и Фратини младите во школата ќе добијат само лажни зборови и обука за полтронство. Каков организатор, такви и предавачи!

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.