Кадетите подобри и од Естонија

Кадетската ракометна репрезентација со победа против Естонија од 26:22 со максимални пет победи од исто толку натпревари ја заврши групната фаза на ЕХФ Шампионатот во Грузија на првото место на табелата. Следува слободен ден на турнирот, а полуфиналето нашите кадети ќе го одиграат во сабота од 17.15 часот.

Поради обезбеденото прво место уште по победата над Швајцарија во претходното коло, селекторот Данило Брестовац доби можност на денешната средба со Естонија повеќе да ротира со составот и да им даде посериозна шанса и на ракометарите кои имаа помала минутажа на првите натпревари. И покрај тоа, нашиот состав уште од стартот на натпреварот ја контролираше играта и резултатот и на полувреме се замина со високи 16:7 за Македонија.

Во текот на второто полувреме Естонците успеаја да намалат и да фатат резултатски приклучок, но во ниту еден момент победата на Македонија не беше доведена во прашање, па во рутинската завршница, нашиот состав заслужено прослави триумф од 26:22.

Виктор Василевски имаше одлично издание на голот на нашата селекција, а по натпреварот го доби и МВП признанието. Од стрелците, најефикасен беше Симоновски со 7 голови, Џигероски постигна 5, Костески 4, Ѓорѓиев и Ќосевски по 2, додека по еден погодок реализираа Божиновски, Каковски, Митиќ, Серафимов, Тодески и Витанов.