Кадетите подобри и од Швајцарија за полуфинале

Македонската ракометна репрезентација до 18 години обезбеди полуфинале на ЕХФ Шампионатот во Грузија откако ја победија Швајцарија со 32:31 за четвртата победа од исто толку натпревари, со што го осигураа и првото место во Групата А.

Младите ракометари покажаа одлична игра уште од самиот почеток на натпреварот, па избраниците на Данило Брестовац со рутинска игра првото полувреме го добија со 15:12 по примени три гола во самата завршница. Во вториот период Македонија имаше и пет голови разлика, но Швајцарците до крајот успеаја д намалат на 32:31.

Мартин Серафимов со 10 голови беше прв стрелец во нашиот тим, Симоновски и Каковски постигнаа по 5 голови, Ѓорѓиев додаде 4, по 3 гола реализираа Џигероски и Костески, додека два погодоци имаше Дарко Кондев. Марко Кизиќ го заврши натпреварот со 12 одбрани за нашата репрезентација.

Со оваа четврта победа, нашата репрезентација останува единствена непоразена во групата со веќе осигурано прво место, на коло до крајот. Во последниот меч од групата се среќаваме со Естонија во четврток, сепак тој натпревар нема никакво резултатско значење, со тоа што Македонија го осигура своето место во полуфиналето и ќе го очекува второпласираниот тим од другата група. Полуфиналните средби се предвидени за сабота.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.