Кадиица поседува 70 милиони тони резерви на бакар

Локалитетот Кадиица кај Пехчево поседува рудни резерви на бакар од 70 милиони тони.

Ова  го покажаа истражувањата што ги вршеше руската компанија „Солвеј“.

Барањето за добивање концесија за експлоатација на бакарната руда поднесено преку фирмата „Кадиица-метал“ не беше прифатено од надлежните државни институции поради сомневањата на јавноста дека со методата на подземно  лужење на бакарот може да дојде до загадување на водите и животната средина.

Од локалната самоуправа и од компанијата „Солвеј“ информираат дека постапката за добивање концесија е обновена.

Според Николајчо Николов, заменик-директор во рудникот „Бучим„ од Радовиш, „Солвеј“ наместо методата на лужење ќе ја користи комбинираната метода на експлоатација преку површински и подземен коп и ќе применува затворен систем на собирање и третирање на водата со што нема да ја загрозува животната средина,

– Се отвора нова шанса „Кадиица – метал“ во наредната година да започне со работа и да остварува годишно производство од 4.500 тони. Со елаборатот е предвидено вработување на 150 лица од Пехчево и околината, изјави градоначалникот Игор Поповски.