Кахвеџи на Регионална конференција на балканскиот здравствен форум

Државниот секретар на министерството за труд и социјална политика, Муедин Кахвеџи учествува на втората Регионална конференција на балканскиот здравствен форум што се одржува во Белград, Република Србија, а којашто е посветена на јакнењето и вклучувањето на сите релевантни институции и поединци во развојот и имплементацијата на активностите за подобрување на здравствената заштитата во регионот.

Во своето излагање на конференцијата Кахвеџи се осврна на склучените договори за социјално осигурување што ги има досега потпишано Република Македонија. Имено, со распаѓањето на поранешната Југославија, Република Македонија ги прифати како свои сите важечки меѓународни договори на поранешна Југославија.

Покрај ова, Република Македонија како самостојна држава има склучено договори  за социјално осигурување и со: Австрија, Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора, Турција, Швајцарија, Бугарија, Германија, Босна и Херцеговина, Чешка, Холандија, Полска, Романија, Данска  (овој договор се чека да стапи  во сила), Луксембург и Белгија.

“Договорите имаат за цел обезбедување и заштита на правата од социјалното осигурување при упатување на привремена работа во друга држава, при привремен престој по други основи, како и при постојан престој на пензионери и нивни членови на семејства и на членови на активни осигуреници на двете држави”, рече државниот секретар на министерството за труд и социјална политика, Муедин Кахвеџи во своето обраќање.

Со одредени држави како што се Словачка, Северна Ирска и Англија, конвенциите се склучени на принцип на реципроцитет, а посебна група на конвенции за социјално осигурување се конвенциите со Швајцарија, Шведска, Норвешка и Данска со кои не е предвидено право на здравствена заштита на нивните осигуреници за време на привремен престој во нашата држава како и за членовите на нивните семејства.

Исто така, Република Македонија има преземено конвенции и Спогодби за социјално осигурување од страна на поранешна Југославија со следните земји: Република Франција, Унгарија, Обединетото кралство Велика Британија и Северна Ирска, Република Италија, Кралството Шведска и Кралството Норвешка, кои  се во сила се до склучувањето на нови билатерални договори за социјално осигурување со истите.

На конференцијата во Белград свое учество земаа сите релевантни институции од регионот коишто ги споделија своите позитивни искуства.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.