Кај касарната „Илинден“ ќе почнат да се градат два државни објекти

На парцели во касарната „Илинден“ во Скопје ќе се гради нов објект на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците-Скопје (ИДКНА) и објект за потребите на Државниот универзитет-Тетово.

– Објектите ќе се градат во поранешната касарна „Илинден“. Деталниот урбанистички план е при крај и се очекува да биде усвоен за 30 дена во општините Чаир и Карпош, затоа што парцелите се во двете општини. Кога ќе се усвојат, Министерството за образование и наука ќе подготви проекти за објектите и оваа година се очекува и да почне изградбата. Ќе се создадат подобри услови за работа на овој институт и се надевам дека тој како најмлада институција во Македонија ќе стане релевантна за историјата на албанскиот народ и ќе придонесува во општествениот живот, изјави министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.

За овие проекти тој ги информирал директорите на институтите за историја и култура на Албанците во Скопје, Тирана и Приштина – Скендер Асани, Беќир Мета и Сабит Сила, со кои денеска имаше средба во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците-Скопје.

– Разговаравме за заеднички проекти и активности на трите институции, затоа што историјата и спецификите на албанскиот народ во целина се исти и овие три институти мора да работат заедно, се со цел да ги промовираат позитивните вредности и историјата на албанскиот народ, вклучувајќи го и албанскиот народ во Република Македонија, рече Адеми.

На новинарско прашање дали во текот на летниот распуст ќе разговара за измена на сегашниот концепт на екстерно тестирање т.е. за отстранување на можноста за прекин на работниот однос како казна за наставниците, Адеми одговори дека заклучоците ќе бидат донесени со учество на сите засегнати страни.

– Кога ќе заврши екстерното тестирање, како и државната матура, ние како државна институција вршиме детална анализа на целиот процес. Тука, секако, ќе бидат вклучени сите засегнати страни и ќе постапиме врз основа на заедничките заклучоци. Така што, од денеска не можам да кажам каква ќе биде завршницата. Тоа ќе го одлучиме заедно со засегнатите страни – со учениците, родителите, наставниците и надлежните државни институции. Ако се констатира дека треба, тоа треба да биде од заедничките средби, изјави ресорниот министер.