Кај надзорник во затворот Идризово најдена марихуана

Кај надзорник во затворот во Идризово надена е марихуана. Основното јавно обвинителство – Скопје поведе постапка против едно лице кое се гони за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

На 28.01.2016 година при редовна контрола и личен претрес на лицето вработено како надзорник во КПУ Идризово, во неговите лични работи пронајдено е топчесто пакување налепено со селотејп трака за кое при вештачењето е утврдено дека се работи за марихуана. При извршениот претрес во домот на осомничениот покрај количество на марихуана, пронајдени се и 9 парчиња на муниција, соопштуваат од ОЈО.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје издаде Наредба за поведување на истражна постапка и до судијата на претходна постапка достави Предлог за определување на мерка Притвор. Предлогот е прифатен и со Решение на осомничениот му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.​