Кај стрелецот во Вирџинија најден список со имињата на шест републиканци

© AP Photo / Alex Brandon

Истрагата открила дека напаѓачот врз американските конгресмени имал кај него список со шест републикански челново на Претставничкиот дом, пренесува телевизиската мрежа Fox News.

Во средата 66-годишниот Џејмс Хоџкинсон отвори оган од автоматска пушка во градот Александрија, во сојузната држава Вирџинија, врз група републикански конгресмени и нивните помошници кои тренираа за хуманитарниот бејзбол натпревар со нивните демократски колеги. Беа ранети четири лица, меѓу кои и координаторот на републиканската фракција во Претставничкиот дом Стив Скализ и двајца полицајци. Напаѓачот беше, исто така, ранет во престрелката со полицијата и подоцна почина во болница.

Според телевизијата, во списокот напишан ракописно фигурирале имињата на членовите на Претставничкиот дом, конзервативни републиканци од сојузните држави Тенеси, Аризона, Јужна Каролина, Охајо, Вирџинија и Алабама, и притоа ниедна од жртвите не е на него.

Има различни информации во медиумите каде е пронајден списокот, според некои извори најден е во џебот на напаѓачот, а според други во бело комбе, во кој Хоџкинсон живеел откако пристигнал во близина на Вашингтон од родната сојузна држава Илиноис.

Како што изјавиле очевидци, пред нападот маж за кој се претпоставува дека е Хоџкинсон, се распрашувал кај минувачите и други луѓе за тоа која партија игра на бејзбол теренот. Подоцна беше објавено дека напаѓачот активно изразувал на социјалните мрежи незадоволство од политиките на претседателот Доналд Трамп, а во текот на предизборната трка за номинацијата во Демократската партија, бил волонтер кај демократскиот сенатор Берни Сандерс.