Кај Виничанец пронајдени 14 килограми марихуана

При претрес на домот на Виничанецот се пронајдени над 14 килограми марихуана и артефакти за кои подоцна е утврдено дека немаат културно историска вредност.

Како што соопшти денеска МВР, по претходно добиени оперативни сознанија за постоење основи на сомневање дека е извршено кривичното дело, а по преземени мерки и активности и издадена наредба од ОС-Кочани, извршен е претрес во домот и другите простории каде што живее и ги користи лицето З.И. При претресот се пронајдени и привремено се одземени бела јутена вреќа со нето маса од 3.250 грама исполнета со непозната тревкаста материја, најлонска вреќа со тревкаста материја со нето маса од 1.895 грама, шест полиетиленски ќеси со тревкаста материја со нето маса од 6.060 грама, две најлонски вреќи со тревкаста материја нето маса од 3.105 грама. Покрај ова пронајдени се и една зипер ќеса со растителна материја од 3,25 грама, зипер ќеса со жолта прашкаста материја со нето маса од 17,08 грама, зипер ќеса со светло кафеава прашкаста материја со нето маса од 3,67 грама, две зипер ќеси со бела прашкаста материја од 7,72 грама, две зипер ќеси со кафеава прашкаста материја од 24,18 грама и зипер ќеса со зелена прашкаста материја со нето маса од 13,79 грама.

При претресот, како што соопшти МВР, се откриени и 34 предмети-артефакти односно човечка глава со ликот на Габриел, плоча со лик на императорка, плоча заљубен пар со цар Константин и царица Елена, статуетка со пар грб на грб машка и женска фигура, статуетка св.Јаким и други.

Одземените предмети се испратени на вештачење и констатирано е дека растителната материја е марихуана во нето маса од 14,31 килограми, а пак за одземените артефакти со вештачење во НУ Археолошки музеј на Македонија е утврдено дека предметите не се дела со историско наследство и немаат културно историска вредност, односно станува збор за фалсификати.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.