Кајакарите ја тестираа Брегалница

Претставници на Кајакарската федерација на Македонија, на покана на градоначалникот на Штип, Илчо Захариев денес попладне беа во Штип.

Причина за посетата е тестирање на водите на река Брегалница, на одредени локации за можноста од воведување на кајакарството како спорт или рекреација за штипјани.

Во водите на Брегалница со кајакот се спушти државниот репрезентативец Атанас Николовски. Тој по текот на реката во должина од два километри ги утврдуваше условите и капацитети за кајак на мирни води:

– Мислам дека има услови за такво нешто, и баш ми е драго што сме поканети да утврдиме дали река Брегалница нуди можности за кајак. Ова не е скап спорт а од друга страна е доста убав, и за младите и за постарите и со оглед на тоа што сум слушнал дека порано, пред неколку десетици години, Штип имал кајакрски клуб, тоа е можност пак да се обнови – изјави Николовски .

Градоначалникот Захариев вели дека спортот е важна работа за младите и дека треба да се возобноват традициите кога е во прашање кајакот во Штип:

– Мислам дека имаме позитивни сигнали, дека нивото на река Брегалница нуди можсноти за кајакрството. Впрочем, со мали напори локалната самоуправа е подготвена да помогне во обнова на кајакарскиот клуб а со самото тоа и за враќање на кајакот во водите на Брегалница. Одлична е информацијата дека кајакот на мирни води може да се обнови во Штип, дека реката има капацитет за тоа, со сите содржини кои зад градскиот Исар во близина на Брегалница ги направивме, кајакарството може да биде само причина повеќе да се ужива, рекреира па и спортвува во овој дел на Штип.

Градоначалникот Захариев напомена дека постои и можност за празникот 8.септември дел од Македонската фрегата која го одбележува Денот на независноста да биде присутен и во Брегалница со што голем број штипјани ќе бидат пријатно изненадени а секако и предизвикани од кајаците во реката.

Можноста за обновување на кајак е идеја која подолго време се споменува а со конструкцијата на пешачката патека долга два километри како и со должина на вкупната, по завршување на последната фаза, кога патеката треба да биде од Караорман до Кежовица во должина од осум километри. Со тоа се нудат идеални услови за развој на кајакарството, не само како спорт или рекреација туку иу како туристичка гранка.

Инаку Николовоски а нaшиот најдобар кајакар на диви води и олимпиец. Тој е освојувач на првото место по полуфиналето на Светското првенство во Кајак на диви води кое се одржа во Љубљана, Словенија (патека Тацен), оставајќи зад себе голем број олимписки, светски и европски прваци.