Како беше лажена јавноста во 2001 година: Војната е договор меѓу Георгиевски и Џафери

На 22 јануари 2001 година, само пет дена откако Црвенковски ја објави аферата за прислушување, за која ги обвини тогашниот премиер Љубчо Георгиевски и министерката за внатрешни работи Доста Димовска, се случи терористичкиот напад на полициската станица во Теарце кога загина полицаец, а тројца беа повредени, пишува Дневник.

Одговорноста, преку соопштение-коминике, ја презеде т.н. ОНА. Иако првичните информации беа дека се работи за лица што влегле во Македонија преку Kосово или тренирале таму (локална ТВ „Kис“ јави дека само неколку дена претходно во близината на Шемшево граничарите на АРМ фатиле неколку лица облечени во униформи на УЧK), СДСМ излезе со соопштение дека одговорна за настанот е власта.

-„Сево ова укажува дека актуелната власт наместо потенцијалите на безбедносните служби да ги користи за разоткривање на овие облици на тероризам, прави се за тие нелегално да бидат искористени во пресметка со своите политички неистомисленици. Актуелната власт со ваквото свое однесување не само што е соучесник туку и самата е генератор што континуирано продуцира безбедносна и политичка нестабилност“ – соопштија од СДСМ веднаш по нападот.

Дневник пишува дека на ваквите напади на 24 јануари тогашниот албански партнер во власта, ДПА, возврати дека аферите и терористичките акции во Македонија се синхронизирани и се водат од еден центар – СДСМ – со цел уривање на Владата.

Пораките дека одговорноста е во рацете на власта во тој период почесто стигнуваат од коалициските партнери на СДСМ – ЛДП и Андреј Жерновски.

На 16 февруари, истиот ден кога Доста Димовска поднесува оставка, по низа пресметки меѓу власта и опозицијата за тоа кој прислушувал, телевизиската екипа на А1 ТВ е сопрена кај Танушевци.

– Ова е последна опомена на власта дека не треба да замижува пред формирањето паравоени формации во Македонија. Покрај политичката криза, за која придонесе власта, сега државата се наоѓа и пред безбедносна криза – изјави тогаш Владо Бучковски, како портпарол на СДСМ.

На 22 февруари се формира оперативен центар од МВР и АРМ, кој треба да ја следи безбедносната состојба на северната граница. Неколку дена подоцна се одржува и собраниска расправа за аферата „Прислушување“, на која ВМРО-ДПМНЕ застанува на ставот дека Црвенковски со ваквите афери и напади на институциите ја дестабилизира државата за дојде на власт. Потоа речиси да нема ден во кој не се случува некој поголем безбедносен инцидент – 7 март Гошинце, 9 март – Kодра Фура, 10 и 11 март – Брест, 15 март – Тетово….

Дневник: Додека државата е во оган, Црвенковски најавува народ на улица

На 30 март 2001 година, среде оган и постојани офанзиви, СДСМ ќе го искористи просторот пред меѓународната заедница и официјално да го понуди концептот на широка владина коалиција (денес тоа се нарекува „преодна влада“) како спас за сите проблеми во државата, вклучително и политичката криза што настанува со излегувањето на ДА кон крајот на 2000 година, аферата за прислушувањето што ја отвора токму Црвенковски, но и воениот конфликт. Ако не успее планот за преодна влада, Црвенковски, многу слично на сценариото што сега го најавуваа опозицијата, вели ќе го вади народот на улица. Тој најавува масовни протести среде воен конфликт, анализира „Дневник“.

– СДСМ нема намера со скрстени раце да гледа како власта ја растура државата. Битката ќе ја водиме во Собранието и со народот на улица, со протести, зашто само така во нормалните држави се руши ненормалната власт, изјави Црвенковски на прес-конференцијата на 30 март 2001 г.

Преговорите за новата преодна влада почнуваат некаде во почетокот на април, кога е договорена првата средба меѓу Црвенковски и Георгиевски. Преговорите треба да ги дефинираат кадровските решенија што ќе ги добие СДСМ, како и мандатот на новиот владин кабинет. На 15 мај се формира т.н. широка коалиција во која учествуваат повеќе парламентарни партии во државата. Таа влада застанува зад Рамковниот договор потпишан во август.

Kога во септември 2001 година се појавуваат идеи уставните измени од Рамковниот договор да одат на референдум, Црвенковски вели дека ќе ја напушти власта ако тоа се случи. Тој се` подолго и подолго се обидува да ја одржи привремената влада. „Вечер“ на 17 септември ќе напише: „Сите знаат дека во владата на широка коалиција влезе без да гласа народот за него. И сега истиот тој Црвенковски вели дека ако се случел референдум ќе излезел од Владата. Значи, Црвенковски не сака народот во ниту една варијанта да биде прашан. Играта е јасна, тој посакува нов обид за пуч со формирање ново парламентарно мнозинство и да ја грабне власта без да се праша народот“.

Дневник: Прстот кон Џафери и Георгиевски

На 1 јули 2001 година Црвенковски директно прстот го вперува кон Џафери и особено кон Георгиевски. Тој ги обвинува двајцата владини лидери дека имаат вина што во 1999 година, за време на косовската криза, не сфатиле каква е опасноста за безбедносната на целиот регион.

„Се плашам дека воената опција што ја заговараат некои од власта не е опција за борба против тероризмот, туку опција за тотална меѓуетничка војна во која ќе исчезне Македонија“, вели тогаш Црвенковски кога јавноста и ВМРО-ДПМНЕ бараа поддршка за воен пораз на ОНА.

Истиот ден, преку медиумите Црвенковски ќе го обвини Георгиевски дека прво, иако ги имал во свои раце, ги пуштил луѓето на ОНА, како Џавид Хасани и Фазли Велиу, за три месеци потоа да се тепа со нив по планините.

Целата сторија прочитајте ја на ДНЕВНИК