Како „Бунарџик“ превлекува гигантски компании да инвестираат?

Магнет за гиганти од светски ранг, привлекува со совршени бизнис услови, поставена инфраструктура, атрактивна местоположба, но и квалитетна работна сила. Технолошко индустриските зони Скопје 1 и 2, најдобри меѓу најдобрите во Европа, на самиот врв на меѓу европските слободни зони пишува Лидер.

Угледниот ФДИ магазин на „Фајненшал Тајмс“ го прогласи Бунарџик за најдобар за водење бизнис, и тоа во конкуренција од 45 економски зони во светот вклучувајќи и 17 од Блискиот Исток и Северна Африка.

Целокупниот искористен простор во зоната континуирано расте, а во периодот 2012-2013 година се зголеми на 39% изнесувајќи 480.000 квадратни метри, односно 53.211 квадратни метри по корисник. Најавата на новите странски инвестиции ја прави оваа слободна индустриска зона уште попривлечна за инвеститорите.

Зоната е привлечна за компании од најразлични индустрии, а некои од нив се на самиот врв во својот сектор. Компаниите доаѓаат од различни гранки на тешката индустрија како автомобилската индустрија, производство на хидраулични делови и производство на електрична и медицинска опрема, фармација и производство на здрава храна…

Што ги прави ТИРЗ Скопје 1 и 2 толку привлечни за инвеститорите?

Највисока оценка Бунарџик има поради успешното привлекувањето на познати светски фабрики кои го направија првиот чекор, а по нив дојдоа и многу други странски компании. Целта на проектот кој стартуваше кон крајот на 2006-та беше земјава да ја промовира како инвестициски бренд во глобалниот бизнис свет. Она што денеска таму се случува и компаниите кои во зоната функционираат е потврда на успешните политики за привлекување странски инвестиции.

-ФДИ изврши рангирање на зоните, а зоната во Скопје ја прогласи за прва зона, најдобра во Европа, така што тоа е уште едно признание, валоризација на нашиот труд и за политиките кои ги водиме. ФДИ има повеќе критериуми според кои тоа го прави. Тие изразија и високи оценки за начинот на кој земјата работи да привлече странски инвеститори и за успехот во тоа, изјави премиерот Никола Груевски.

Зоната продолжува да ја развива својата целна маркетинг стратегија за привлекување на компании, а тоа придонесува за нејзино значително зголемување во однос на искористениот простор.

-Започнавме со двете фази на Џонсон Мети, тука е Вистеон, поранешниот Џонсон Контролс во Скопје, тука е Технохозе, која во моментот ја гради втората фаза, тука се Кемет електроникс, Продис, Ван Хол и Џонсон Контролс во Штип. Тие се компаниите кои работат, кои се функционални, но неколку компании се во процес на градба на своите објекти, објаснува директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Изминатиов викенд почнаа да се градат и зоните во Виница и Берово, а до крајот на годината се очекува да започне и изградбата и на технолошко индустриската зона во Делчево, вели Мизо. Компаниите кои ги потврдија своите одлуки за инвестирање треба да донесат околу 7.000 нови вработувања.

Бројката на вработени во компаниите кои се во зоните оваа година ќе достигне околу 3.500. Таа бројка според најавите идната година драстично ќе се зголеми, додека оваа година се очекува извозот од зоните да надмине една милијарда евра.

Кои компании работат во ТИРЗ Скопје 1 и 2?

Сместени на атрактивни локации, на десеттина километри од главниот град на Република Македонија, на крстопатот на коридорите 8 и 10, директен пристап до автопатот, а во близина на меѓународниот аеродром Александар Македонија, зоните Скопје 1 и 2 се атрактивни за странските гиганти.

Во нив веќе функционираат светски познатите Џонсон Контролс и Џонсон Мети, Технохозе, Ван Хол, Кемет електроникс, Продис.

Џонсон Контролс, светски познат гигант од автомобилската индустрија, кој од неодамна работи како дел од семејството на Вистеон Корпорејшн, го започна производството во Бунарџик пред речиси седум години. Денеска оваа компанија, заедно со Џонсон Мети, се едни од главните носители на македонскиот извоз. Фабриката, чија првична инвестиција беше 40 милиони евра, во ТИРЗ Скопје 1 произведува компоненти за инструмент-табли за автомобилска индустрија. Компанијата отвори и втора фабрика во земјава, во ТИРЗ Штип.

Иако Џонсон Мети започна со производство во 2010 година во ТИРЗ Скопје 1, денес оваа фабрика е најуспешната во целата групација. Џонсон Мети веќе ги прошири капацитетите во Македонија. Додаде уште две производни линии од кои првата е целосно ставена во функција, а втората е пред самиот крај на реализација. Со тоа бројот на вработени од сегашните 540 ќе се искачи на 650. Причината зошто дополнително се инвестира, според менаџерите, е одличната бизнис клима во Македонија. Групацијата е светски лидер во технологија на современи материјали, а се фокусира на производство на катализатори.

Ван Хол е најголемиот производител на целосни автобуси во Западна Европа. Станува збор за компанија која ужива репyтација за дизајнирање и производство на високо квалитетни производи со примена на модуларен концепт. Дури 80% од производите на компанијата се извезуваат во Европа, Америка, Африка и Азија. Инвестицијата на Ван Хол во ТИРЗ Скопје 2 е прва стратешка инвестиција во производствен капацитет на компанијата надвор од Белгија, во годината кога компанијата ја слави својата 65-та годишнина.

Италијанската компанија Текнохозе е членка на Витило групацијата и работи од 2003 година на полето на производство на флексибилни цевки за флуиди за средни и високи притисоци. Текнохозе ја регистрира Витек Македонија и работи во ТИРЗ Скопје 1. Витек Македонија произведува хидраулични спојки за висок притисок и армирани гумени црева за автомобилска индустрија, гадежништво и други индустрии.

Американската компанија Кемет е со 85-годишна историја со седиште и два иновативни центри во Јужна Каролина, САД. Производствени објекти има во Мексико, Кина, Италија, Ангалија, Финска, Шведска, Португалија, Индонезија, Германија, Бугарија.

Производната линија на оваа компанија ги вклучува целокупните технологии за кондензатори. Кемет Електроникс во ТИРЗ Скопје 1 инвестираше 25 милиони долари, а произведува стандардни кондензатори.

Најголемата руска фармацевтска компанија, Протек груп ја регистрира компанијата Продис во Македонија и во ТИРЗ Скопје 1 инвестираше над 5 милиони евра. Компанијата Продис произведува хомеопатски лекови, органски и неоргански производи од житарки, органски и неоргански чаеви и витамини и минерали.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.