Како да се однесуваме во случај на земјотрес

Многу е тешко да се исконтролираме, психолошкиот ефект е силен, но тоа не значи дека ние не треба да се однесуваме според препораките што ги даваат најразлични асоцијации од светот, истакна директор на Институтот за земјотресно инжинерство, Михаил Гаревски, за време на неговото гостување во „Отвореното студио“ на ТВ Нова.

Тој меѓудругото зборуваше за начинот на којшто треба да се однесуваме во случај на земјотрес.

„Основна претпоставка е дека објектите нема да се срушат. Ние гледаме секвенци од земјотреси, но најчесто се работи за несеизмички објекти, што не е случај кај нас.  Под таа претпоставка дека нашите објекти се сигурни, препораката е да не бегате надвор бидејќи многу лесно може да падне нешто ( на пример малтер) и да ве повреди, отколку да останете дома. Кога земјотресот е посилен треба да се сокриете под трпезариска маса, односно под цврсто биро и да ја наклоните главата. Масата можеби нема да нè спаси ако се сруши објектот, меѓутоа идејата е да нè спаси од евентуално паѓање на преградни ѕидови. Кога ќе заврши земјотресот препораката е веднаш да се излезе надвор и да се остане и подолго време, пред сè  бидејќи афтершоковите можат да донесат нови штети“, објасни Гаревски.