Како да станете астронаут на НАСА?

Повеќето луѓе ширум светот, кои сакаат да ја истражуваат веселената од мали сонувале да станат астронаути. Неодамна рекорден број луѓе, 18.300 се пријавиле за програмата на НАСА „Астронаути кандидати 2017“ во надеж дека ќе го остварат својот сон.

На Американската вселенска агенција ќе и бидат потребни 18 месеци за да избере осум до 14 кандидати, кои ќе го посетуваат најновиот курс за астронаути.

Значи шансите да бидат избрани се помали од 0,08 отсто, што овој приемен го прави 65 пати потежок, отколку оној на Универзитетот Харвард, кој прима 5,2 отсто од студентите од вкупниот број пријавени.

Што е потребно за да бидете избрани за НАСА астронаут појаснува шефицата на комисијата Ен Ромер во вселенскиот центар Џонсон во близина на Хјустон. Таа вели дека тој процес воопшто не е лесен.

Се почнува со пополнување формулар. НАСА примила над 18 илјади пријави, откако минатата година објави дека бара нов тим астронаути.

– Мошне е тешко, многу сме внимателни. Се почнува со преглед на доставените документи, за да се утврди дали се исполнети сите предуслови, а го ангажираме и нашиот моментален тим астронаути да ја прегледа документацијата, вели Ромер, јави Гласот на Америка.

Кандидатот мора да биде американски државјанин и да има диплома од инженерство, биологија, физика, компјутерски науки или математика. Исто така мора да има најмалку три години релевантно искуство или најмалку илјада часови како пилот. Освен што мораат да минат систематски преглед, НАСА фаворизира и одреден тип личности.

– Лидерство, тимска работа, способност за работа во тим, способност на водство на тим, но и да може да ги следи другите во тимот. Комуникацијата секако игра улога, како и некои основни особини, кои се потребни и за други професии, вели Ромер.

Околу 120 кандидати ќе бидат повикани во Вселенскиот центар Џонсон во Хјустон во рамки на првиот круг од интервјуто. Половина од тој број ќе влезе во вториот круг, но тука не е крајот. Откако ќе бидат избрани кандидатите за астронаути, тие ќе мораат успешно да поминат низ двегодишен период на обука.

– Ќе се учи за се што има врска со вселенските летови, ќе се врши системска обука, ќе се учи рускиот јазик, а ќе има и тренинг за вселенски прошетки.  Во текот на тие две години ќе работат од се по малку, пред да преминат на специфична обука за мисијата, појаснува Ромер.

Оваа група астронаути ќе може да летаат во трите нови вселенски летала, кои моментално се изработуваат, вклучувајќи го и Орион за истражување на далечната вселена.

Доколку се оди според планот НАСА планира да испрати луѓе на Марс во текот на 2030 година.

Од 1959 година кога е избрана првата група астронаути од редовите на војската, се на се 338 лица се избрани да станат астронаути на НАСА.