Како дојде до финансиската пропаст на Грција и што следува?

Како дојде до финансиската пропаст на Грција и што следува?

Грција е во фокусот на светската јавност.  Според многумина, таа е на чекор да се соочи со банкрот, откако на 30-ти јуни годинава на полноќ истече рокот за враќање на ратата во износ од 1, 6 милијарди евра за кредитите од ММФ.  Прашањето што се почесто се поставува деновие е „Како Грција стаса до работ на финансиската бездна и што следува?“.

По неуспехот да ја отплати ратата кон ММФ, Грција се вброи заедно со Сомалија, Судан и Зимбабве во групата светски држави што му останале должни на ММФ и не го запазиле договорениот рок. За Грците, тоа што се во ист кош со овие земји значи историско понижување. Но, овој ден е историско понижување и за ММФ, пишува The Independent.

Банкротот на Грција е кулминација во синџирот на катастрофалните понуди на ММФ кој од 2010-тата година на повик на еврозоната учествува во целиот процес за финансискиот спас на Грција.

ММФ на државите во светот им нуди итни финансиски средства со цел да обезбедат ликвидност, но под услов тие држави да спроведат мерки што ќе ги доведат до одржлива состојба. Тоа значи донесување на тешки структурални економски реформи.

Поранешниот прв човек на Фондот, Доминик Строс – Кан ги игнорираше правилата на игра пред пет години. Кога луѓето на ММФ стасаа во Грција во 2010-тата година, долгот на Владата доспеа околу 133 отсто од БДП, односно 326 милијарди евра долг, кои што требаше да бидат отпишан, а кредиторите требаше да го проголтаат овој „голем залак“.

Но, Строс-Кан го одби предлогот и  забрани преструктурирање на државниот долг по било која основа.  Грците по ова мораа во целост да си го отплатат сопствениот долг.

Строс-Кан знаеше дека тоа ќе предизвика домино-ефект во Еврозоната, затоа што ситуацијата во Португалија, Ирска, Италија и Шпанија излегуваше од контрола, а истовремено знаеше и дека отпишувањето на грчкиот долг ќе предизвика паника.

Другата катастрофална грешка на ММФ во случајот со Грција беше потценувањето на негативното влијание од кратењето на буџетот во јавниот сектор. Во 2010-тата година луѓето од ММФ предвидеа дека Грција поради мерките за штедење ќе доживее кратка рецесија, но таа рецесија трае цели пет години, а секој ден се помал е бројот на работни места. Оваа одлука е последниот удар што ја турна Грција во бездната.

Грција почна да ја живее судбината на САД во времето на Големата депресија и глобалната економска криза која почна во 1928 година и траеше до 1939 година. Тоа е најостриот пресврт што некогаш бил почувствуван во индустрискиот Западен свет.

ММФ никогаш не се соочи со своите грешки во случајот на грчката криза. Таа тишина помеѓу Европа и Грција во целост ја уништи меѓусебната доверба, наведува The Independent.

Околу 240 милијарди евра кои беа наменети за спас на Грција отидоа кај кредиторите за рекапитулација на грчките банки. Само 10 отсто од тие пари се потрошени на јавниот сектор и на пензионерите.

ММФ очигледно не ја научи лекцијата за влијанието на мерките за штедење. Во целост е точно дека Грција сама себе си ископа гроб. Неколкуте владини гарнитури во Атина беа преоптоварени со сопствените сметки, премногу трошеа и несакаа да реагираат за се пораширената практика на затајување данок, но ништо од ова не ја оправдува неспособноста и кукавичлукот на ММФ во последните пет години.

Земјите што соработуваат со ММФ мора да имаат на ум дека доколку долговите не бидат вратени на време, следат остри санкции од кои што е мошне тешко да се извлечат, а и исклучување од ММФ. Се надеваме дека ова нема да биде следното поглавје во грчката трагедија што се одигрува во последните 5 години.

Но, ќе пројдат цели децении пред ММФ да успее да го тргне срамот од сопственото име во случајот со грчката катастрофа.

Кому се Грција му должи?

Од вкупниот јавен долг на Грција кој моментно е 323 милијарди евра, најголем дел во европскиот долг имаат државите членки на еврозоната на кои се однесуваат 60 отсто од долгот.

kako-dojde-do-finansiskata-propast-na-grcija-i-shto-sleduva-1
Кому му должи Грција?

Би Би Си објави табела на грчките кредитори. Според неа, еврозоната низ Европскиот фонд за финансиска стабилност на Грција и позајмилa 141,8 милијарди евра и уште дополнителни 52,9 милијарди со посебен заем за државата.

Кому му должи Грција?
Кому му должи Грција?

 

По држави, најголем кредитор е Германија – пласирала 68,2 милијарди евра преку програмата. Следува Франција – 43,3 милијарди евра, а на трето место е Италија со 38,4 милијарди евра.

Зад нив се ММФ кои Грција ја кредитирале со 21,4 милијарди евра и ЕЦБ со 18,1 милијарди евра кредити. Словенија на Грција и позајмила 1,4 милијарди евра што е 3,9 отсто БДП додека Малта – 400 милиони долари – пет отсто од својот БДП.

Меѓу државите доверители со најголеми позајмици се и Холандија со 13,4 милијарди евра, САД 11,3 милијарди, Британија – 10,8 милијарди, Белгија – 7,5…

Што ќе се случи?

Ако Грција на референдумот се изјаснеше за „Да“, тогаш најверојатно ќе следеа нови избори – Европа не верува дека Сириза ќе ги спроведе мерките за штедење – а потоа, најверојатно ќе продолжеа преговорите како и претходно, пишува Вашингтон пост.

Грците рекоа „Не“ на мерките за штедење
Грците рекоа „Не“ на мерките за штедење

Американскиот угледен весник ја пренесува изјавата на поранешниот секретар за финансии во САД Лари Самерс, кој вели:

– Грчките банки ќе останат без пари на почетокот на неделава, најверојатно уште во понеделник. Ќе има итна потреба да се обезбедат обврзници за да се задоволат побарувачките на фондовите или ќе мора да се изнајде соодветно решение, затоа што Грците имаат се помал капацитет за да обезбедат пари. Она што ќе го направат Европјаните и одлуките на Грците ќе ја оформат иднината на Грција и на Европа, вели тој.

Според него, можно е обврзниците да обезбедат доволно време и во последен миг да биде постигнат договор.

Стигнаа пензиите во Грција, фото: Ројтерс
Стигнаа пензиите во Грција, фото: Ројтерс

Иако, успеа да обезбеди победа на референдумот, владата на Сириза најверојатно ќе се соочи со притисок да прифати одреден договор, посебно ако се земе во предвид дека Грција несака да отстапи од еврото.

Но, ако ЕЦБ одлучи дека не сака на грчките банки да им ги даде потребните пари, тогаш тие имаат само два дена за да ги обезбедат. Во спротивно ќе се соочат со колапс. Затоа ќе мора или да ги земат парите од депозиторите или да ги отпечатат. Првата опција веќе беше искористена од страна на Кипар пред две години кога ЕЦБ престана да ги финансира нивните банки.

Втората опција е достапна само ако Грција има можност сама да печати пари, а во моментов таква можност не постои, затоа што единствена валута во земјата е еврото. Така, ако Грција  сака да ја оживее повторно сопствената економија и да ги врати банките во живот преку печатење пари, ќе мора да се врати на драхмата.

Од друга страна, вчера директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) изјави дека Фондот е подготвен да и помогне на Грција доколку земјата тоа го побара од него.

Таа во кусо соопштение нагласи дека ММФ внимателно ја следи ситуацијата и е подготвен да и помогне на Грција само доколку до Фондот биде испратено такво барање.

Истовремено, во Брисел денеска се одржува вонреден самит на лидерите на еврозоната за Грција, откако Грците на референдумот рекоа „не“ на мерките за штедење. Самитот го свика претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, а негово одржување иницираа францускиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел.

Во вчерашното соопштение на Еврогрупата беше наведено дека министрите за финансии очекуваат на денешниот состанок да добијат нови реформски предлози од грчката Влада, а шефот на Еврогрупата Јерун Дејселблум оцени дека исходот од референдумот ги отежнал преговорите на Атина со кредиторите.

Претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер зборувајќи пред Европскиот парламент по извештајот на летонското претседателство со ЕУ, нагласи дека сака да се избегне сценариото на „грекзит“, односно излез на Грција од еврозоната.

– Моја волја, моја желба е за да се избегне „грекзит“. Време е да се најдеме на преговарачка маса, изјави Јункер.

Тој рече дека Европската комисија работи на повторно отворање преговори со Грција, додавајќи дека по победата на „не“ на референдумот во неделата. топката сега е на грчката страна и Атина треба да објасни како може да се реши кризата.

Јункер истакна дека Европската комисија ќе направи се за да се постигне договор, нагласувајќи дека таа треба да се грижи за интерсите на целата еврозона и за волјата „изразена од сите други 18 демократии, бидејќи Грција е само една од 19-те демократии на еврозоната“.

Што ќе се случи понатаму останува да видиме. Како и да е јасно е дека ниту Грција сака да ја напушти еврозоната, ниту еврозоната пак има намера да се соочи со долго најавуваниот „Грегзит“.