Како мандатар, Заев нема право да ги претставува интересите на Македонија во ЕУ

„Ниту една земја не испраќа мандатари на официјални средби во Брисел. Очигледно дека Македонија продолжува да биде опитен глушец на ЕУ во делот на кршењето на правото и универзалните вредности врз кои е изграден секој демократски правен поредок во Европа“, смета универзитетската професорка Тања Каракамишева Јовановска.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев, иако е само мандатар за составување на Влада на Република Македонија, ќе присуствува на вечерашната неформална вечера на премиерите на шесте балкански држави што во Брисел ја организира високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини.

tanja-karakamiseva
Проф. Тања Каракамишева Јовановска

„Во однос на тоа кој ќе учествува од БЈР Македонија на оваа вечера, потврдуваме дека Зоран Заев доаѓа како „определен за премиер“, изјавила портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ, за МИА, што значи дека лидерот на македонските социјал-демократи, иако се уште не е избран за нов претседател на македонската Влада, во Брисел ќе биде претставен како таков. Аналитичарите коментираат дека не се изненадени од ваките „двојни стандарди“ на Европската унија, појаснувајќи дека Заев, кој се’ уште нема официјална позиција на претседател на Влада, не може официјално да ги претставува интересите на земјава во ЕУ. „ЕУ и Могерини повторно се на страната на непочитување на Уставот, бидејќи Заев се уште нема официјална позиција на претседател на Влада. Заев не може, ниту смее официјално да ги претставува интересите на РМ во ЕУ. Тој е само определен мандатар од претседателот на Републиката, и како мандатар се уште нема никакви права да зборува како претседател на Владата во име на државата. Тој не смее да се претставува како официјален претседател на владата на РМ во Брисел се додека вистински не биде избран од парламентарното мнозинство на посебна седница во посебна постапка“, вели во изјава за Нетпрес, универзитетската професорка Тања Каракамишева Јовановска.

Според неа, меѓународната заедница со ова покажува дека не го почитува македонскиот Устав и дека нивниот став не смее да биде посилен од правото во Македонија и во ЕУ.

„Без разлика што Могерини и Хан веќе го сметаат Заев за премиер, бидејќи за нив од никогаш и немало значење тоа што е напишано во Уставот на РМ и во Деловникот на Собранието на РМ, како и бидејќи за нив не постои обврска да го почитуваат нашето право, овој политички став на европските претставници не смее да биде посилен од правото во РМ, но и од правото на ЕУ. Ниту една земја не испраќа мандатари на официјални средби во Брисел. Очигледно дека Македонија продолжува да биде опитен глушец на ЕУ во делот на кршењето на правото и универзалните вредности врз кои е изграден секој демократски правен поредок во Европа. Исто како што другиот ден од нелегитимниот, нелегалниот и неуставниот „избор“ на Талат Џафери за „претседател“ на Собранието го повикаа како наводен претседател во Брисел, со тоа демонстрирајќи дрскост и безобразност во делот на непочитување на македонското право, така и сега, со примерот на Заев тие јасно ни ставаат до знаење колку за нив е важен македонскиот Устав. Важен им е колку и ланскиот снег“, смета универзитетската професорка.

Иако од кабинетот на Високата претставничка на ЕУ претходно соопштија дека поканите се испратени до актуелните премиери, сепак, во случајот со Зоран Заев и Македонија, Могерини одлучила да направи отстапка и се’ уште неизбран на функцијата македонски премиер, сепак да го покани него и да го претстави пред останатите лидери од Западниот Балкан, што не е случај со новоизбраниот претседател и актуелен премиер на Србија, Александар Вучиќ. Тој иако веќе е избран за српски претседател, поради тоа што се’ уште официјално ја нема преземено функцијата, отпатува во Брисел како се’ уште актуелен премиер на Република Србија.

Власта во најава, според Каракамишева-Јовановска, е наметната од ЕУ и САД, кои принемнуваат двојни стандарди во земјата. Од една страна, вели универзитетската професорка, зборуваат за владеењето на правото, градењето на правна држава, почитувањето на слободите и правата на граѓаните, а од друга страна, целосно поддржуваат флагрантно кршење на Уставот и на законите, претпочитаат невладеење на правото, кршење на правата и на слободите на македонските граѓани и практикуваат неуставна демократија.

„На двојните стандарди што ЕУ и САД ги применуваат во Република Македонија очигледно им нема крај. Едно зборуваат во пракса, друго спроведуваат во политиката. Во секоја можна пригода и настан зборуваат силно и гласно дека владеењето на правото, почитувањето на Уставот и на законите, градењето на правна држава, почитувањето на слободите и правата на граѓаните, спроведувањето на уставната демократија се највисоките вредности што ги почитуваат и поддржуваат во земјата, од една, но од друга страна целосно поддржуваат флагрантно кршење на Уставот и на законите, претпочитаат невладеење на правото, кршење на правата и на слободите на македонските граѓани, практикуваат неуставна демократија. ЕУ и САД целосно се застанати во одбрана на неправото во Македонија. Тоа се виде во изминативе три години од кога започна процесот на деинсталација на власта што не им е по волја во земјата, поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ покажа свој став и свои политики кои се автохтони и независни од цврстата рака на дел од меѓународната заедница. Власта која на сила ни ја наметнува ЕУ и САД во земјата е нивно чедо и оттаму е сосема логично што тоа чедо си го вика на средба во Брисел“, смета Каракамишева-Јовановска.

Според информациите од Европската служба за надворешни работи на ЕУ, денешната неформална вечера на Могерини со петте премиери и определениот за премиер од шест западно-балкански држави се очекува да започне околу 20:30 часот. Претходно, Високата претставничка на Унијата има предвидено и билатерални средби со Зоран Заев од Македонија, но и со премиерите на Србија-Александар Вучиќ, на Косово-Иса Мустафа, на Босна и Херцеговина-Денис Звиздиќ, на Албанија-Еди Рама и на Цена Гора-Душко Марковиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.