Како наближуваат изборите, така ќе расте и притисокот врз медиумите и стравот од пораз кај СДСМ

Телевизиите „Сител“, „Алфа“ и „Нова“ се најдоа на тапет во Ад-хок комисијата за следење на медиумите. Со три гласа „за“ и два против, Комисијата предложи поведување прекршочни постапки против овие три телевизии.

Според одлуката на Комисијата, постапките за телевизиите „Сител“ и „Нова“ се поведуваат поради членот 75, став 1, кој регулира балансираност во известувањето, додека за телевизија „Алфа“ постапката е поведена според член 75 став Б од законот, кој забранува прилози со кои може да се остави впечаток дека активности на државните органи се и партиски активности.

Двајцата членови кои гласаа против овие предлози најавија поднесување на издвоени мислења и изнесоа забелешки за недоследно применување на законот и методологијата на Агенцијата за Медиуми.

Според членот на ад-хок телото Цветин Чилиманов, на последната седница на комисијата дополнително биле спуштени и дерогирани и онака слабите принципи кои досега важеле при оценувањето нателевизиите. Тој посочува дека дел од членовите го толерираат тоа што телевизија „24 Вести“, од период во период посветува далеку поголем процент од програмата на партијата СДСМ, а бараат казни за телевизиите „Сител“ и „Нова“ за истата работа.

Повторно се бараа казни затоа што Сител изнел критики за работата на Специјалната Јавна Обвинителка, иако се работи за државна институција која смее и треба да се критикува, а впрочем критиките кои биле изнесени потоа беа потврдени од Катица Јанева лично, значи се покажа дека се работело за точно и коректно информирање. Врв на се беше за среќа отфрленото барање да се казни телевизија „Алфа“ затоа што објавиле снимка на која лидерот на СДСМ Зоран Заев бил заедно на митинг со Зоран Верушевски, затоа што тоа негативно се одразувало на СДСМ. Значи, ако претставник во адхок Комисијата именуван од СДСМ смета дека дружењето на Заев со Верушевски лошо им се одразува на партијата, би било подобро да не го канат веќе на митинзи, а не да се лутат на телевизии кои тоа го пренеле, вели Чиламонов за Нетпрес.

Во однос на поднесената прекршочна пријава за телевизија „Нова“, Чилиманов посочува дека членовите на СДСМ одбиваат гостувања во телевизиски емисии, за потоа бараат парични казни за истите телевизии.

Имавме и казна за телевизија „Нова“ затоа што не одвоиле доволно време за СДСМ, на што телевизијата не информираше дека втор пат по ред СДСМ го одбива нивното барање за интервју со Заев. Практично, СДСМ одбива барања нивни личности да се појаваат на телевизискиет програми, а потоа бараат парична казна за истата телевизија затоа што немала доволно претставници на СДСМ. Тоа се апсурдите со кои се соочивме во овој период, и со кои очекувам да се соочуваме и во иднината. Очигледно е дека работите во кампањата не одат добро за СДСМ, и дека како што се наближува денот на изборите, стравот од пораз ќе расте, и притисокот врз медиумите ќе се засилува и ќе станува се понепринципиелен, смета Чилиманов.

Ова е петтиот од вкупно десетте периоди во кои ќе се набљудува известувањето на електронските медиуми. Овие правила за известување важат 100 дена пред изборите, закажани за 11 декември, годинава.