Како СДСМ ја уништи единицата Лавови кои војуваа 2001-ва?

Низа текстови во минатото објавени низ медиумите, јасно покажуваат како СДСМ ја уништи единицата лавови кои војуваа 2001-ва година.

ДНЕВНИК: “Лавовите” и полицајците се гледаа преку нишан кај Стенковец 

Припадниците на полициската единица за брзи интервенции “Лавови” вчера кај Стенковец потегнаа оружје со намера да им се спротивстават на регуларните полициски сили, кои се обидоа да ја спречат нивната блокада на патот кон граничниот премин “Блаце”. Скандалозниот инцидент заврши откако полицијата се повлече.

Околу 800 “лава” вчера околу 9 часот го блокираа патот кај Стенковец. Раководството на синдикатот со возила успеа да излезе од задниот дел на базата во Стенковец. Откако тие го блокираа патот, за неколку минути припадниците на единицата пеш дојдоа и се распоредија по должината на патот кон граничниот премин.

Два часа по почетокот на протестот, пристигнаа стотина полицајци, под целосна борбена опрема, вооружени со автоматски пушки и фрлачи на солзавец. Тие веднаш се обидоа да ги отстранат блокадите, но само што дојдоа до првиот камион со кој беше блокиран патот, “лавовите” веднаш од возилото го извадија своето вооружување и зазедоа позиции.

Неколку минути “лавовите” и полицајците беа со вперено оружје едни кон други, но полицијата потоа реши да се повлече. Напнатоста се намали кога полицајците се повлекоа педесетина метри.

Тогаш “лавовите” повторно го вратија оружјето во камионите и го продолжија мирниот протест. Цело време додека траеше блокадата на патот, местото го надлетуваше полициски хеликоптер. Околу 13 часот полицискиот генерал Зоран Јовановски, со уште неколку претставници на МВР, пристигна на блокадите и преговараше со претставниците на независниот синдикат на “лавовите”.

По получасовни преговори, генералот си замина, а претставникот на синдикатот, Тони Михајловски, изјави дека припадниците на единицата “Лавови” остануваат на блокадите се додека со нив не дојдат да разговараат или премиерот Бранко Црвенковски или претседателот Борис Трајковски.

– Генералот Јовановски ни ги кажа истите работи што досега ги слушавме од раководството на МВР. Не слушнавме ништо ново и затоа го продолжуваме мирниот протест. Од сите барања најважно е веќе еднаш да се реши нашиот статус, односно дали ќе бидеме распуштени или не. Од пред пет дена МВР престана да ни испорачува храна во базата во Стенковец – рече Михајловски.

Претседателот на независниот синдикат на “лавовите”, Драган Кимовски, додаде:

– Наидовме на манипулации од страна на министерот Хари Костов и таа тенденција продолжува. Сакаме да и ставиме крај и да почнеме да разговараме за работи што се од витално значење за единицата и за државата.

Советничката на МВР за односи со јавноста, Мирјана Контевска, вели дека решавањето на овој проблем по пат на сила е непожелно и за двете страни. Во кабинетот на претседателот Борис Трајковски велат дека “лавовите” своите проблеми треба да си ги решат со Владата.

– Претседателот нема надлежности за нивните барања, а неговиот став е дека единицата за брзи интервенции треба да се реформира – велат во кабинетот на шефот на државата.

Портпаролот на Владата Сашо Чолаковски вчера рече дека досега не пристигнало барање за средба на претставници на “лавовите” со премиерот Црвенковски.

ДНЕВНИК: ВМРО—ДПМНЕ бара Црвенковски да им се извини на бранителите

bara-izvini

Собранието на Македонија вчера ја прекина седницата откако избувна кавга меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ по барањето на пратеникот Жарко Караџоски лидерот на социјалдемократите, Бранко Црвенковски, да се извини за навредувањето на безбедносните сили. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува во работата на Собранието се додека Црвенковски не се извини за изјавата со која ги поистоветува припадниците на безбедносните сили со “животинско царство”.

– Извинувањето е најмалку што Црвенковски може да го направи. Додека не го направи тоа, ние нема да учествуваме на седниците – рече Жарко Караџоски.

Пратеникот на СДСМ Лазе Китановски рече дека изјавата не била навреда туку следела по погрдните зборови на групата која насилно влегла на галерија во прилепската сала каде што се одржувала трибината.

– Не знам дека “поскоците” се припадници на безбедносните сили, ниту “лавовите” и сите други што беа присутни на трибината без униформа. Изјавата беше во контекст дека ниту тие нема да го спасат Љубчо Георгиевски од поразот – рече Китановски.

Пратеникот Караџоски побара лично присуство на Црвенковски, а не негови “адвокати”. По ова, настана конфликтот меѓу собранискиот потпретседател Томислав Стојановски и пратеникот на СДСМ Благој Ханџиски. Стојановски ја прекина седницата поради, како што рече, “насилство”.

„Вест“: Полицијата и лавовите за малку ќе се запукаа

zapukaa

На блокадата на патот Скопје – Блаце за малку ќе дојдеше до вооружен инцидент кога лавовите го извадија своето оружје за да им се спротивстават на полицајците кои се појавија со “калашникови”.

Околу илјада припадници на единицата за брзи интервенции “Лавови”, незадоволни од статусот и неисполнувањето на нивните социјални барања, вчера околу десет часот го блокираа патниот правец Скопје – Блаце, во близина на базата Стенковец. Блокадата ја обезбедуваа неколку стотици полицајци од специјалниот состав на МВР кои беа поставени на само дваесетина метри од блокадата на лавовите и беа засилени со џипови и транспортери, а местото постојано го надлетуваа хеликоптери. Во блокадата учествуваа само лавовите, а не и припадниците на резервниот полициски состав како што беше најавено. Од резервистите присуствуваше само нивниот лидер Стево Ристевски. Полицијата уште утрото се обидела да го запре излегувањето на лавовите од нивната база, блокирајќи им го главниот влез во базата. Меѓутоа, тие, со камиони и џипови, излегле од споредниот излез на базата и по споредни патишта успеале да стигнат до магистралниот пат и да го блокираат.

Лавовите до единаесет часот не беа вооружени, освен нивните старешини кои носеа пиштоли. Меѓутоа, кога полицајците кои ја обезбедуваа блокадата се појавија со “калашникови” и пушкомитралези и на себе ставија панцири и заштитни шлемови, лавовите од камионите, со кои го блокираа патот, го извадија нивното оружје, вооружувајќи се до заби и оружјето го вперија во полицијата. Според портпаролот на лавовите Тони Михајловски, од неколку началници од МВР им било речено дека ќе се примени сила ако не го деблокираат патот, но за кратко време тензијата спласна. Лавовите ги гледаа полицајците преку нишаните неколку минути, по што полицијата се повлече на стотина метри од блокадата, а лавовите ги напуштија заземените борбени позиции. Неофицијално, МВР ги повикала и тигрите да се вклучат во растурањето на блокадата, но тие го одбиле тоа.
Вооружувањето на полицајците, советникот за односи со јавноста во МВР Мирјана Контевска го објаснува како нормална законска активност со оглед на нивните податоци за оружјето со кое располагаат лавовите. Таа вели дека нишанеле само лавовите, а не и полицајците од обезбедувањето на блокадата.

Претпладне кај Стенковец пристигнаа и двајца меѓународни преговарачи, но никој не соопшти за што било разговарано и што тие побарале од специјалците.
Нешто по 12 часот кај блокадата дојде генералот на лавовите Зоран Јовановски кој заедно со Борко Марковски од МВР отпочна преговори со претставниците на лавовите, синдикалецот Драган Кимовски и портпаролот Михајловски. Меѓутоа, по половина час преговори под отворено небо не бил постигнат договор. Генералот Јовановски и претставниците на МВР ја избегнаа средбата со новинарите.
“Ние остануваме овде се додека не ни се исполнат сите дваесет барања и се додека не се реши статусот на нашата единица. Нема да го деблокираме патот се додека не се сретнеме или со претседателот Трајковски како врховен командант или со премиерот Црвенковски”, изјави портпаролот на лавовите Тони Михајловски, додавајќи дека тие гарантираат безбедност, но дека ако против нив биде употребена сила тие ќе се бранат. “Ние не сме за употреба на сила и не го зедовме први оружјето. Прво тие се вооружаа, а после ние”, рече Михајловски.

Тој додаде дека освен тоа што се игнорирани сите нивни барања, на лавовите им била стопирана и доставата на храна во нивната база, поради што пет дена биле без јадење, а дознале и дека МВР и понатаму работи на план за распуштање на нивната единица. “Ние рековме дека ќе ја почитуваме секоја наредба, но нам досега никој ништо ни нема наредено. Едноставно не игнорираат”, велат во единицата за брзи интервенции.

Советникот во МВР Контевска изјави дека полицијата и понатаму останува кај Стенковец со полицајци чиј број не е прекумерен и е соодветен на бројот на лавовите. Ставот на МВР е дека патот треба да се деблокира и дека полицијата ќе постапува по законските обврски.

“Претставниците на МВР по преговорите се вратија, бидејќи лавовите не покажале добра волја. Министертвото ќе преземе соодветни мерки во понатамошниот тек на блокадата”, изјави Контевска, одбивајќи да каже што конкретно ќе преземе полицијата, бидејќи, како што рече, по тоа прашање се уште се одлучува во МВР.

ВЕСТ: МВР на “лавовите“ им ги бара и униформите

uniform

Вчера во МВР преостанатите 200 некогашни “лавови” ги слушнале истите објаснувања – МВР бара, а Финансии не дава тие да се вработат

Стотина некогашни “лавови” од МВР, вчера одново протестираа пред МВР и пред републичкото Собрание, барајќи вработување во полиција. Вчера неколкумина преговарачи се состанаа со генералот Борко Марковски, кој им дал информации кои штрајкувачите, како што велат, веќе ги знаеле. “Марковски, меѓутоа, не пропушти шанса да ни ги побара униформите. Во март се разоружавме околу 200 ‘лавови’, направивме и задолжителен лекарски преглед. Оттогаш не маткаат дека ќе не вработуваат, етапно, како што ќе се отвораат работни места во МВР. Го вработија, за жал, само преговарачкиот тим од четворица ‘лавови’ од времето кога штрајкувавме со глад”, разочарани вчера раскажуваа овие некогашни припадници на МВР со нерегулиран статус.

“Униформите не ги враќаме ни под ‘разно’. Без нив сме ништо. Ако ги вратиме, ќе не откачат засекогаш”, убедени се штрајкувачите. Вчера во МВР им била покажана хартија, на која пишувало дека седуммина од нив почнуваат со работа веднаш. Немало имиња, па затоа штрајкувачите не веруваат.
На средбата Марковски им кажал дека спорот за 61 место е во Министерството за финансии. МВР наводно побарало, но Финансии не дозволува вработувања. Марковски на “лавовите” им ветил дека за проблемот утре ќе разговара со министерот Хари Костов.

Во попладневните часови тие чекаа прием и кај претседателот Борис Трајковски, а на штрајкувачите кои останаа пред Собрание, им приоѓаа и поддршка им даваа минувачи, како и автомобили со вклучени сирени.

ДНЕВНИК: Тројца “лавови” колабираа

kolabiraa

Двајца припадници на “Лавовите” вчера се онесвестиле по седумдневниот штрајк со глад на околу 170 припадници на оваа полициска единица, пред зградата на МВР. Екипа на брза помош за неколку минути пристигнала и им дала медицинска помош на момчето и девојката, кои и покрај се останале со своите колеги и продолжиле со штрајкот. Предминатата ноќ, пак, припадник на единицата колабирал и кога паднал удрил со главата во тротоарот. Тој веднаш бил однесен во болница и по укажаната лекарска помош се вратил пред МВР и продолжил со штрајкот. Ова вчера го потврди Билјана Николовска припадник на полициската единица “Лавови”.

Таа вели дека се уште нема никаква најава ниту пак расположение од раководството на МВР за разрешување на проблемот со вработување во полицијата на 170 припадници на “Лавовите”.

-Нема никакви најави од МВР дека ќе имаме средба со некој од раководството. Истоштени сме, но и покрај се што ни се случува ќе истраеме во штрајкот и цврсто остануваме на нашите барања за вработување во МВР. Ние се бориме сами за себе. Зад нас не стои ниедна политичка партија, тврди Николовска.

“Лавовите” продолжуваат со акцијата за собирање потписи и до вчерапопладне над 2.000 граѓани се потпишале на петицијата.

Извор: Курир.мк