Како се носеше одлуката да не се учествува на дебата?

По вчерашниот дебакл на пленумите на Професорите и на Студентите, поточно нивното одбивање да учествуваат во дебатата, на површина излегуваат повеќе пикантерии од тоа како се носела одлуката и како од едно одлучно „ДА“ на професорите дека ќе дојдат во Собрание, се случи одбивање и да учествуваат во дебатата и да влезат во Собранието, дознава НетПрес од неофицијални извори.

По еуфоричниот настап на професорката Билјана Ванковска пред премиерот Никола Груевски, Спасов првото нешто што го прокоментирал е дека за ова ќе мора да се консултуира со раководството на СДСМ и дека не е фер да не се исконсултира, бидејќи овој процес уште на почетокот бил воден од раководството на СДСМ и нивната партиска логистика.

Како што неофицијално дознаваме, потоа настанала паника во редовите на професорите, откако се повлекле во фоајето на хотелот „Александар палас“, бидејќи ниеден од присутните не можел да оствари комуникација со првите луѓе на СДСМ.

Некој од професорите прокоментирал дека е нормално што не можат да ги најдат бидејќи не можат да ги разбудат од новогодишната прослава. По десетина минути, упорни напори, успеале да ја добијат потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, која веројатно била во еден од македонските зимски центри каде и поседува викенд куќа.

Објаснувајќи и ја ситуацијата, од неа добиле насока дека ни под точка разно не треба да одат на дебата и дека нивниот потег и одлука, кои биле јавно соопштени дека ќе учествуваат во дебата била непромислена грешка. Нејзиното стравување било дека за таква дебата не се подготвени професорите во овој момент, дознава неофицијално НетПрес.

Нашите извори велат дека по разговорот настанала жестока кавга меѓу присутните, по што следеле меѓусебни обвинувања и префрлања на одговорност. Ванковска потенцирала дека во оваа ситуација таа е најголемиот губитник бидејќи се’ ќе падне на нејзина глава. Таа била тешена од останатите професори дека и тие ќе се солидаризираат со неа и ќе преземат дел од одговорноста.

Потврда или негирање на драмата која следела вчера по прифаќањето да се оди на дебата не можеме да добиеме, но единствено што е сигурно е дека изјавата на професорите следеше по долгото исчекување и неизвесност во мачна атмосфера што говори дека нешто се случувало пред таа изјава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.