Како се станува корисен идиот

Значи почнаа традиционалната фингерајка преговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за „меѓусебно подобро запознавање и надминување на разликите“ што ги плаќаат граѓаните и државата. По првата рунда очи в очи, колку што разбравме од изјавите на преговарачите, ништо од „договорот“ што „рационалниот“ и „прагматичен“ Брисел со радост го дочека и поздрави. Наводниците кај договорот ги ставив за да истакнам дека поимот симболизира дејство на договарање на еднакви по важност страни, а не на испорачани ултимативни желби на победник, освојувач, завојувач, силник. Но, како и во многу други случаи, во дешифрирањето настануваат забуни, и тоа поради погрешна перцепција. Очигледно е дека Заев под договор подразбира беспоговорно прифаќање сдсмовски ултиматум, овој пат искажан само во пет точки, додека Груевски со својот пресметковен мозок мисли дека со прифаќање на речиси сите барања на СДСМ (деведесет отсто) ем ќе добие уште еден по ред позитивен европски извештај ем така ќе го одржи статусот на премиер што води разумна политика на „земја-членка без датум за преговори“.

И, така. Првата преговарачка рунда мина. Сега да го констатираме учинокот: Заев испорача пет барања. Груевски прифати да разговара за четири. Петтото, и победникот на изборите да не ја признае изборната волја на избирачите, Груевски го отфрли. Во оваа рунда на меѓусебно запознавање, македонската јавност не разбра што точно и во колку точки како вмровски пакет барања до „партнерот“ Заев побара Груевски. Веројатно зашто никој не праша, а тој самиот дури ни во својата изјава не се потруди да ни соопшти. Или можеби на средбата со колегата отишол со лист хартија и пенкало за да ги запише желбите на Заев, оти свои и онака нема. Што е горе-долу карактеристика на македонската државна политика од мигот кога стана „независна“. Бидејќи надворешната политика е одраз на внатрешната, ич да не ве чуди што Македонија има блескаво резиме на дипломатски победи на сите нивоа и во секој формат. Едноставно секаде одиме со лист хартија и пенкало подготвени беспоговорно да бидеме на услуга. Нашите претставители се истренирани од никого ништо да не бараат, молкум да трпат навреди во надеж дека еднаш ќе бидат наградени за „конструктивноста“.

Е сега никој не ни вика сполај ви! Но, добро е, барем досега никој не нѐ нарекол уште корисни идиоти. Не дека не сме кандидат и за оваа статусна титула, ама сѐ уште немаме одиграно некоја поголема улога. Всушност ја одигравме досега најмалку едно четирипати (привремено име, привремена спогодба, признавање на Тајван, рамковен устав по фингирана војна), ама поминавме меѓународно практично незабележани. Значи, ако својски запнеме, имаме уште добри изгледи да влеземе во овој круг на избрани држави што веќе добиле одликување. Јас би претпочитала ваква среќа да нѐ одмине, ама кој ме прашува пак мене!

Во моментов, титулата најуспешни корисни идиоти гордо ја носат турската и полската политичка елита. Но минатонеделниот скандал што предизвика сериозна политичка криза во Полска е особено сладок за цинично густирање, оти и автор на поимот корисни идиоти е еден полски креативен експерт-политиколог, инаку самиот жртва на идеолошко лудило. Експертов само што затвори уста оти му снема плунка за да ги извреѓа и омаловажи сите што не го делат неговото (читај официјалното американско) стојалиште во врска со украинските состојби, нарекувајќи ги „корисни идиоти“ испадна дека токму Полска била корисен идиот. По Турција, која лани го кркаше стапот и уште не може политички да се соземе, годинава истото тоа ја снајде Полска. Двете на ист начин настрадаа. Турција божем поради десетина исечени дрвја, а Полска поради една обелоденета конверзација помеѓу еден министер и еден банкар и еден коментар на еден довчерашен кандидат за челна европска функција.

Вака оди приказната: Пан Бартоломеј Цинкиевич, министер за внатрешни работи, приватно разговара со пан Марек Белко, гувернер на Централната банка на Полска, за смена на пан Јацек Цикорски. Банкаров му испорачува ултиматум на Доналд Туск дека ако сака поддршка од банкарите, ќе мора да го смени министерот. Скандалот го објавува списанието „Впрост“, а полската „демократска“ држава веднаш реагира преку налозите на државниот обвинител и МВР. Како? Стандардно. Испраќа цајкани во медиумот со намера да конфискуваат уреди и материјали што можеби ќе ескалираат како серија нови скандали. Политичката оцена на Туск е дека државата е нападната со намера да кризира. Е, не! Или попрецизно: Што ќе сееш бе пријателе, тоа и ќе жнееш!

Е сега, со или без упад на полицијата, скандалот дополнително пукна уште појако и сите (освен ние во последната лимбо-оаза на континентот, благодарение на независното ни новинарство) слушнаа што рекол оној несреќник Цикорски, кого уште го викаат и муџахедин (учествувал во Авганистан на страна на талибанците, како и многу американски инструктори). Изјавата или коментарот се однесува на улогата на Полска во граѓанската војна во Украина, а по организираниот парамилитарен преврат, и гласи вака: ,,Ќе добиеме конфликт со Русите и со Германците, а ќе си мислиме дека сѐ е супер, зашто им пушевме на Американците. Полјаците се големи пушачи зашто прифатија гомнарска политика, а така е зашто се без достоинство и со комплекс на ниска вредност“.

Значи, што ти е бре живот! Какви се не лекции учиме. Еве што научив јас.

– Дуња Мијатовиќ зела лекарско боледување, па не го проследила упадот на полската полиција во магазинот-свиркач „Впрост“ и киднапирањето на новинарска документација. Штета богати за европската медиумска слобода! Патем, ни радиото Слободна Европа не се огласи за скандалот!!! Оти не е од Македонија или од Русија или некоја таква „никаква“ земја.

– За жал, и за срам, во Македонија постојат и селективна и јазична автоцензура. Не само во употребата на одделни зборови (говорен јазик) што се „самопрогласени“ за недолични за јавна употреба, туку нивната подобност зависи од перцептивната вредност на одделни јазици во главите на уредништвата. На пример, Миленко неодамна нафрка поради поимот ебоповикателна, а Цикорски сега поради пушачите и гомнарската политика. Убедена сум дека целиов полски скандал од истите причини не е третиран соодветно, односно речиси целосно е цензуриран и маргинализиран во македонските медиуми.

– Интересно е дека никој во Македонија досега не се згрози врз поимот сексапилна (во превод ебоповикателна), сакер (пушач, дудлач) или булшит (гомно,  лепешка), кои се употребуваат во изобилство заедно со имплементации, бенефиции, тинк-тенкови, донации и сл., ама се оценуваат според вредносни лексичко-политички критериуми, од кои главниот е географско-идеолошката подобност на персоната, потеклото на политиката и јазикот што го употребува. На пример, никому не му пречеше што со недели на сите медиуми нецензурирано се пренесуваше тонскиот запис на кој се слушаше како Штерјо Наков кажува дека „ич не го боли патлакот“ за некоја работа. Ем без цензура, ем со многу згрозеност од простотата на конкретниот Наков, кој се изразил на македонски јазик. Е, ама кога дамата Викторија Нуланд чисто и отсечно вели „кој ја ебе ЕУ“ на елегантен англоамерикански јазик, а Цикорски на чист полски признава дека во врска со Украина полските политичари им дудлале на Американците и тоа за ништо, „нормално“ во Македонија настапува тотален информативно-политички мрак и молк. Професионално! Етички! Одговорно!

Од полското и претходно турското собитие по нивниот валкан ангажман во Сирија и Украина, како посебно поучни за нас во Македонија ги сметам следниве заклучоци: 1. Не туркај се во првата борбена линија во време кога ништо не е јасно. 2. Не заземај страна според перцепцијата, ќе се зезнеш. 3. Не ќарувај на туѓа неволја оти мечката ќе заигра и на твојата врата. 4. Одржувај безбедна дистанца од точките на вриење и центрите на моќ што меѓусебно си ги одмеруваат силите. 5. Води политика на во сите правци отворена раскрсница, односно биди функционална и добро регулирана сообраќајница со разборит сообраќаец, како Швајцарија, Австрија, Чешка, Словачка, Унгарија и до некаде Финска. Сѐ друго е арч и курбан.

Пишува: Мирка Велиновска за Нова Македонија