ВИДЕО: Како скопјани го проследија првиот натпревар од Мундијалот

Голем број љубители на фудбалот во скопските кафулиња го проследија отворањето на Мундијалот во Бразил и првиот фудбалски меч Бразил – Хрватска, кој заврши со победа на домаќинот на Првенството со 3:1.

Фановите на хрватската репрезентација облечени во коцкести дресови ги наполнија локалите во кои се вееше знамето на Хрватска. Од пред екраните Хрватска покрај Хрватите ја бодреа и Македонци, бидејќи како што велат таа на секој начин им е поблиска од репрезентацијата на Бразил.

Среќата и возбудата го достигнаа врвот кога во 12 – та минута од натпреварот Хрватска поведе со 1:0, благодарение на автоголот на левиот бек на Бразил, Марсело. Сирени, бакљи и земјотрес од разиграните и распеаните навивачи го дрмаа центарот на градот.

Пред почетокот на натпреварот навивачите на коцкестите најавуваа сигурна победа.

– Јас мислам дека Хрватска ќе го изненади Бразил и сметам дека натпреварот ќе заврши во наша полза, со резултат од 3:1, изјави еден хрватски навивач од Мостар кој натпреварот го следеше во скопско кафуле.

Почесниот Претседател на хрватската заедница во Македонија прогнозираше влез на Хрватска во полуфиналето на Мундијалот.

– Хрватска во полуфиналето ќе се сретне со репрезентацијата на БиХ. На мечот со Бразил ќе оствари победа од 2:1, едниот гол ќе го даде Модриќ, а другиот Ракитиќ, прогнозираше тој.

Набрзо насмевката од лицата на хрватските навивчи исчезна откако ѕвездата на мечот, Нејмар израмни на 1:1 на самиот крај на првото полувреме. Тој подоцна даде уште еден гол од пенал, со што Бразил поведе на 2:1, а третиот гол го постигна Оскар во 91 – та минута од натпреварот.