Како тргувале Милошевиќ и Туѓман?

Загрепскиот весник „Вечерни лист“ објавил транскрипт од разговорите кои што во 1999-та година ги воделе Фрањо Туѓман и Вања Шпиљак, син на Мика Шпиљак, кој во тоа време во ИНА водел големи бизнис со нафта.

Ваља Шпиљак бил „офицер за врски“ меѓу Туѓман и Милошевиќ, кои договорале Хрватска да извезе во Србија индустриски производи во замена за струја.

Од стенограмите кои досега биле тајни се гледа дека Туѓман му се доверувал на Вања да започне доверлив бизнис со Слободан Милошевиќ.

Половина година пред смртта на хрватскиот претседател, од стенограмот кој што е објавен, Туѓман прво се наслушал комплименти од Вања, кој му порачал дека целото негово семејство е среќно што тој е на чело на Хрватска.

„Имам потреба да кажам дека сакам да си што е можно подолго на власт. Сите сме задоволни и среќни со тебе, јас ќе направам се’ ти да останеш тука што е можно подолго, бидејќи на нас, на моите родители им е добро со тебе“, рекол Вања Шпиљак на Туѓман со кого редовно се среќавал два пати годишно.

Туѓман го прашал Шпиљак како е здравјето на Слободан Милошевиќ, со кој овој се среќавал поради различни бизнис, пред се’ околу испорака на индустриска опрема, во замена за електрична енергија.

Станало збор за извоз „тежок“ од 200 до 250 милиони долари.