Како владееше Гошев – фактите се силна шлаканица за екс гувернерот

Поранешниот министер за финансии и гувернер на НБРМ, Петар Гошев, изминатиов период постојано е ѕвезда во соросовите медиуми, каде покрај со критики за економските политики во земјава си дава за право да дели и политички лекции.

Гошев беше министер за финансии во периодот од 1 ноември 2002-та година до 7 ноември 2003-та година, потоа беше опфатен со реконструкцијата на владиниот кабинет, за во 2004-та, на предлог на тогашниот шеф на државата Бранко Црвенковски, да биде избран за гувернер на Централната банка, на чие чело беше до средината на 2011-та година, пишува Курир.

Низа контроверзии го следат Гошев во неговото владеење. Во декември 2007-ма година, осум македонски компании поднесоа заедничка кривична пријава против Гошев, кој се товареше за несовесно работење во службата и за злоупотреба на службената положба и овластување.

Гувернерот на НБМ се товареше дека ги пречекорил своите дискрециони права и службените овластувања со тоа што на 16 октомври 2007-ма година, со решение број 6353, на Македонска банка и’ ја одзел дозволата за работење издадена со решение на Советот на НБМ од 29 јули 1992 година, откако утврдил дека биле исполнети условите за спроведување на ликвидациона постапка.

Имено, со одземањето на дозволата Гошев ја исклучил Македонска банка од платниот промет до денот на уписот на ликвидаторот во Трговскиот регистар. Фирмите- поднесители на пријавата тврдеа дека Гошев им нанел значителна штета по две основи. Како директна штета тие ја наведуваа вредноста на акциите што ги купиле пред да биде донесено решението за ликвидација на Македонска банка и како штета од изгубена добивка од најмалку 80 милиони денари или близу 1,5 милиони евра.

Вториот дел од обвинувањата насочени против гувернерот се однесува и на поранешниот прв директор на Македонска банка. Според наводите на пријавата, Гошев со цел за себе да прибави имотна корист, посредувал во отпишувањето на долгот што гевгелиската фирма „3 М“ го имала кон Македонска банка. За возврат се стекнал со сопственост на земјиште од 9.100 квадратни метри. Земјиштето го купил од сопственикот на фирмата „3 М“ и за него платил само 6.000 евра, објавија медиумите.

Во реализирањето на трансакцијата на Гошев, наводно, му помогнал директорот Лазаревски, кој го довел во заблуда Управниот одбор на банката која отпишала долг, со камати, во висина од половина милион евра. Во исто време, Гошев извршил притисок врз членовите на Управниот одбор за отпис на долгот што го имала фирмата „3 М“ спрема Македонска банка. По отворањето на аферата со купување земјиште во Гевгелиско и бришењето на долгот на „3 М“, гуверенерот најави дека целиот случај ќе го докаже во судска постапка што ќе ја иницира самиот.

Се сеќава ли Гошев на неговиот мандат?

Петар Гошев беше министер за финансии во периодот од 1 ноември 2002-та година до 7 ноември 2003-та година, потоа беше опфатен со реконструкцијата на владиниот кабинет, за во 2004-та, на предлог на тогашниот шеф на државата Бранко Црвенковски, да биде избран за гувернер на Централната банка, на чие чело беше до средината на 2011-та година.

-Гошев заборава дека токму во времето кога тој беше министер за финансии, стапката на невработеност беше на рекордно високо ниво. Во 2002-та изнесуваше 31,9% (263.196 луѓе се воделе како невработени), а во 2003-та е постигнат апсолутниот рекорд на невработеност во земјава – стапката изнесувала 36,7%, а без работа биле 315.868 луѓе. Гошев следната година седна во гувернерската фотелја, а бројот на невработени не претрпе поголеми промени. Во наредните три години, до 2007-та година, стапката на невработеност се движеше меѓу 36% и 37,3%. Со доаѓањето на новата владејачка гарнитура, невработеноста се намалува во континуитет, до актуелната стапка од 27,9%, историски најниска досега, анализираше неодамна порталот Лидер.

Гошев ја споменува сиромаштијата, но како да заборава дека додека тој беше министер за финансии, според податоците на Државниот завод за статистика, стапката на сиромаштија изнесувала 30,2% во 2002-та и во 2003-та година. Според последните податоци на Статистика, стапката на сиромаштија во 2012-та изнесувала 26,2%.

Македонија во мандатот на Гошев мака мачела со СДИ

Неславните рекорди на Гошев продолжуваат и со странските директни инвестиции во земјава. Кога тој седел во фотелјата во Министерството за финансии, во 2002-та година во земјава влегле СДИ во вредност од 77,82 милиони долари, а во 2003-та 96,29 милиони долари. За споредба, во 2010 година во Македонија влегле СДИ во вредност од 211,61 милион долари, во 2011-та година 473,54 милиони долари, 2012-та беше најслаба во последниве години, со СДИ во вредност од 192,91 милиони долари, иако многу повеќе споредено со времето на министерување на Гошев. Во 2013-та салдото расте на 334,70 милиони долари, а лани за три квартали влегле 272,55 милиони долари.

Гошев не може да се пофали ниту со растот на БДП

Ако се погледат бројките, кога Гошев бил министер за финансии, стапките на раст на БДП изнесувале 0,9% во 2002-та година и 2,8% во 2003-та година. За споредба, Македонија повисоки стапки на раст бележеше во пост-кризен период.

Во 2013-та стапката на раст на БДП се искачи на 3,1%, а во трите квартали од 2014-та растот изнесува 4,1%.  НБРМ прогнозира дека растот ќе продолжи во наредните години и тоа со позасилено темпо. За 2015-та се очекува позитива од 4,1%, а за 2016-та од 4,5%, со што Македонија повторно ќе се врати на релативно високите стапки на раст кои ги остваруваше пред големата криза, кога земјава врза неколку години раст на БДП од 5% и над 5%, а пикот беше достигнат во 2007-та, кога растот изнесуваше цели 6,1%.

Што напиша Зиков за Гошев?

Кон крајот на 2013-та година имаше жесток вербален дуел меѓу Гошев и долгогодишниот новинар Ључо Зиков. Зиков рече дека Гошев нема морален кредибилитет да биде опозициски претседателски кандидат.

„Господине Гошев, Вие цицавте ли цицавте од транзицијата и приватизацијата, и со „чисти“ и со „валкани“ раце – 23 години. Откако добро си го распоредивте семејството по банки и добро котирани фирми, и откако незаслужно од партија во партија, од министер на министер се насадивте на седумгодишен незаслужен мандат како гувернер на НБРМ, денес сакате да бидете и претседател. Многу ви е Гошев, многу ви е“ – му порача Зиков.