Како живее просечниот Словенец 27 години по отцепувањето од СФРЈ

Населението во Словенија е остарено, но животниот век им е осум години подолг, а за килограм леб работат третина време помалку отколку пред 27 години кога оваа земја на 25 Јуни 1991 година ја објави Декларацијата за независност, односно за отцепување од поранешна Југославија.

По повод одбележувањето на Денот на државноста, словенечкиот портал siol.net објави интересни статистички податоци, илустрирајќи ја социјалната слика на нацијата и стандардот на живеење на Словенците пред 27 години и денес.
Просечната возраст на населението во Словенија изнесуваше 35,9 години на 1 јануари 1991 година, а денес таа изнесува 43,2 години. Бројот на лица помлади од 15 години значително се намалил, додека бројот на лица постари од 65 години е зголемен. Како резултат на тоа, во 2017 година имало речиси 44.000 помалку деца во основните училишта отколку во 1991 година. Спротивно на тоа, бројот на пензионерите се зголемува, а односот помеѓу пензиите и платите се влошува.

Старосната пензија во 1992 година достигна 78,4 отсто од нето-платата, додека во 2017 година тие паднаа на 58,4 проценти. Минатата година во Словенија имало 1.27 милиони работно активно население, од кои 67 илјади се невработени. Според податоците на Заводот за статистика, денес во Словенија 19,4 проценти од населението е на возраст од 65 години или постари, а се предвидува дека оваа старосна група ќе биде речиси 31 процент од словенечкото население во 2057 година.

На почетокот на својот пат кон независноста, Словенија наиде на големи економски тешкотии, а истото се случи и во 2008 година кога земјата ја погоди глобалната економска криза. За 27 години, Словенија промени две валути. По прогласувањето независност во 1991 година, југословенскиот динар го замени словенечкиот толар. Парите првично беа испечатени како ваучери, кои подоцна беа заменети со вистински пари. Со пристапувањето во Европската унија еврото го замени словенечкиот толар.

Според статистичкиот завод, поради различните валути во изминатите 27 години тешко е да се спореди просечната заработка во 1991 година и денес. Сепак, според siol.net, неспорно е дека цените од 1991 година растеле побавно од платите. Минатата година просечниот словенец за килограм црн леб треба да работи 18 минути, или за една третина помалку отколку во 1991 кога работел 27 минути.

За килограм мелено кафе во 1991 година морал да работи четири пати повеќе отколку денес, имено 5,2 часа во однос на сегашните 1.18 часа, а да купи нов автомобил „Рено“ на просечниот Словенец сега му се потребни двојно помалку работата- 1.925 часови отколку пред 27 години-3.702 часа.

Во текстот исто така се наведува дека структурата на словенечката економија значително се променила во текот на изминатиот четврт век. Според Заводот за статистика, уделот на приходите од земјоделска дејност во БДП се намали за повеќе од половина од 5,7 проценти во 1991 година на 2,1 отсто минатата година, но значително опаднало учеството на приходите од индустријата и градежништвото, а скокнал уделот од приходите од услуги (од 50,3 проценти во 1991 година на 64,8 проценти во 2017 година).

Во 1991 година, словенечката економија се соочи со губење на југословенскиот пазар и воведување пазарна економија.
Во првите две години од независноста, економската активност во голема мера забави, така што БДП од 1991 година падна за 8,9 отсто, а една година подоцна за 5,5 отсто.
Сепак,од денешна дистанца, БДП по жител во Словенија во 1991 година беше четири пати помал отколку во 2017. Всушност, пред 27 години изнесувал 5.100 евра по глава на жител, а минатата година 21.000 евра, што Словенија ја рангира на 16 место од 28 членки на ЕУ.
Освен тоа, во првите години од независноста Словенија исто така забележа висока стапка на инфлација што достигна дури и неверојатни 250 проценти. Во текот на 2015 и 2016 година во земјата имаше дефлација, за да минатата година растот на потрошувачките цени изнесувал 1,4 отсто.