Каков банер зад Бутарис среде Македонија очекуваа грчките националисти и неонацисти?

Поголемиот дел од грчките медиуми без коментари и до најмал детал информираат за вчерашната посета на солунскиот градоначалник Јанис Бутарис на Скопје.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, сепак еден мал дел од интернет порталите и блоговите му замеруваат на градоначалникот затоа што одржал прес конференција пред банер на кој што пишуваше „Стопанска комора на Република Македонија”.

Интернет порталот „Зугла” пишува дека ова прашање заедно со фотографијата најпрвин било потенцирано од страна на популарниот блог „Таксилиа” и предизвикало рекации.

„Многумина истакнаа дека кога градоначалникот на Солун се согласил да седне пред таков натпис во кој што “Скопје” се нарекува Македонија, всушност ја прифатил “кражбата” на името Македонија”, коментира  порталот нагласувајќи дека луѓето од опкружувањето на Бутарис тврделе дека тој не забележал што пишувало на банерот зад него.

Со жестока критика за Бутарис се јави и неонацистичката Златна Зора.

Во соопштението со наслов „Предавство: Бутарис официјално ја призна “ФИРОМ” како Македонија”, неонацистите во својот препознатлив стил, со низа навреди го нападнаа Бутарис:

„Знаевме дека градоначалникот Бутарис има про-турски и етно-нихилистички позиции , но не за многу долго. Неодамна тој се покажа и како мизантроп и сега продолжува со де факто признавање на ‘Скопје’ како Македонија и учествуваше на состанок на Стопанската комара на ‘ФИРОМ’ односно Стопанската комора на Македонија. Коментарите се излишни”, стои во соопштението на Златна Зора.

Останува отворено прашање – пред  банер со каков натпис грчките националисти и неонацисти очекуваа Бутарис да седне во македонската престолнина ?

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.