Каков било развој на настаните околу гасификацијата и оди во прилог на Македонија

Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски денеска одговарајќи на новинарко прашање во врска со Турски тек потенцира дека во нашата стратегија во делот на гасификацијата, системот е така предвиден да каков било развој на настаните ќе и оди во прилог на Македонија.

Тој додаде дека за Македонија се важни економските вредности од таа активност.

– Ние сме подготвени да служиме како земја низ која би транзитирал гасот, но и како земја која ќе работи на развивање на својата инфраструктура. Она што е предложено е комплементарно со нашите стратегии, но останува да видиме какви ќе бидат глобалните развои на ова поле кои се турбулентни во последно време, нагласи Пешевски по седницата на националниот совет за претприемништво и конкурентност.

Пешевски истакна дека платформата беше разгледана од Владата.

– Во оваа фаза се работи за политичка воља – дали земјите ќе соработуваат на ова поле. Според изјавите по вчерашниот министерски состанок за енергетска стабилност во Будимпешта, не беше конкретизиран ниту еден проект, посочи вицепремиерот.

Во врска со мерките што ги најави Владата по различни основи, за таблетите,  зголемената плата на полицијата и поголемата социјална помош, веќе, рече, се разговара, а средствата ќе бидат обезбедени во рамки на Буџетот.

– Прашањето од кои ставки ќе бидат исплатени и дали за тоа ќе биде потребен ребаланс е најсоодветно за Министерството за финансии кое ги прави конечните анализи. Доколку има потреба од ребаланс, Министерството ќе оцени и ќе ја информира Владата. Но, засега таква активност не е планирана, информира Пешевски.

Според него, процесот на вработувањето на хонорарците се уште трае. – Надмината е цифрата од 3.000. Се движеше меѓу 3.000 – 4.000 поднесени барања, но поднесено барање не значи и одобрено. Треба да се види дали се испочитувани потребните законски предуслови. Кај некои институции имаше определени тешкотии во прибирањето на документацијата и можеби затоа овозможивме законска измена за пролонгирање на рокот. Конечната бројка веројатно ќе биде како што најавивме, меѓу 3.000 и 4.000, подвлече вицепремиерот Владимир Пешевски.