Македонија

Солунскиот градоначалник на средби со македонскиот државен врв Каква порака носи Бутарис во Скопје?

Каква порака носи Бутарис во Скопје?

Јанис Бутарис во македонската престолнина денеска се среќава со скопскиот градоначалник Петре Шилегов, а покрај тоа што неговиот престој во Скопје доаѓа по најавите за брзо решавање на спорот за устаното име на Република Македонија и откако е откажана планираната средба на медијаторот Метју Нимиц со преговарачите на двете земји, интригантно е што градоначалникот на Солун ќе биде примен и на највисокот државно ниво од шефот на државата Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, а планирана е и средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Споменатите македонски институции негативно одговорија на прашањето на НетПрес дали на средбите со солунскиот градоначалник ќе биде разговарано за спорот за името. И самиот Бутарис за грчките медиуми на идентичното прашање изјави дека тој не се занимава со надворешна политика и дека целта е да се приближат граѓаните на двете земји и заеднички да се работи на проблемите кои ги имаме како соседи.

Според Бутарис, голем број граѓани на Македонија доаѓаат во Солун за шопинг, забава и туризам. Целта на посетата на Скопје е да се изградат најдобри можни односи меѓу двата града, но верува дека оваа „дипломатија меѓу градовите“ ќе ја унапреди климата во двете општества, што е предуслов за „изнаоѓање решение со консензуз“.

На средбите, според најавите од кабинетите на македонскиот државни функвионери, ќе се разговара за соработката меѓу Скопје и Солун. Меѓутоа, очигледна е несоодветност на ранговите на политичарите коишто ќе разговараат со градоначланикот на Солун, затоа што таквите речиси секогаш се поврзуваат со личности кои даѓаат со дипломатска заднина.

Инаку ова е втора средба меѓу Димитров и Бутарис за помалку од два месеци на која се очекува да продолжат разговорите од минатиот месец во Солун, „за прашања од заеднички интерес“, насочени кон унапредувањето на соработката меѓу Македонија и Грција и зближување на граѓаните од двете земји. „Средбата е континуитет на воспоставениот дијалог и консултации меѓу двете земји, насочени кон зајакнување на транспарентноста и меѓусебната доверба, како и околу можниот придонес на локалните власти во рамки на Мерките за градење доверба“, појаснија во најавата на средбата од македонската дипломатија.

Малку е веројатно дека на споменатите средби нема да стане збор за проблемот меѓу двете држави. Уште повеќе откако медиумите во Грција објавија дека Нимиц на средбата којашто требаше да се одржи во Њујорк ќе изложи конкретен предлог за уставното име на Република Македонија, а македонскиот премиер Зоран Заев во Љубљана најави дека двете страни никогаш не биле поблиску до постигнување решение, како услов за интензивирање на евроатлантските процеси на земјата.

Во тој контекст, најверојатно треба да се гледа и посетата на солунскиот градоначалник Јанис Бутарис на Скопје. Човекот кој инаку води потекло од македонската почва , од Невеска и од Крушево, без сомнение ќе дојде со некаков неформален предлог од грчка страна, на што посочуваат неговите „средби за запознавање, без конкретни теми на агендата“, највисоките репрезенти на државата, а особено со Ахмети кој инсистираше и со ткн Тиранска платформа албанските претставници да учествуваат во преговорите и со Софија и со Атина.