Каква предизборна кампања не’ очекува – проекти и идеи или оцрнувачки обвинувања?

Во пресрет на деветтите по ред парламентарни избори политичките партии во борбата за глас повеќе ќе имаат 20 дена за предизборна кампања. Дали секој момент од овој период до изборниот молк ќе биде искористен за да се привлечат гласачите со понуда на нови проекти и идеи за подобар живот или акцентот ќе се стави на оцрнување на политичкиот ривал?

Партиите и нивните најистакнати функционери веќе од минатата недела по утврдувањето на 11-ти декември како датум за избор се на терен и на средби со граѓаните. Политички аналитичари велат веќе може да се насетат контурите и основите на партиските предизборни кампањи.

Универзитетскиот професор Александар Даштевски очекува предизборната кампања пред се’ партиите да ја искористат за да ги презентираат своите програми, но потенцира, дека и негативната и оцрнувачка кампања нема да изостанува особено од опозициската СДСМ во обидите да се намали рејтингот на ВМРО ДПМНЕ.

„Мислам дека ќе гледаме предизборна кампања како и пред досегашните изборни процеси. Оние што имаат програма и проекти ќе ги презентираат и објаснуваат, оние што немаат добро разработени проекти кои може да им ги понудат на граѓаните ќе водат оцрнувачка кампања. ВМРО ДПМНЕ изминатиот викенд имаше активности прво со отчетот за сработеното, потоа со говорот на Груевски и претставувањето на идните проекти, СДСМ зборува за ‘Планот за Македонија’, којшто сметаат се уште е само површно набројување“, вели Даштевски.

Во недостиг на аргументи, вели тој, СДСМ ќе се впушти во обвинувања кон ВМРО ДПМНЕ.

„Работата на Специјалното јавно обвинителство ќе биде еден од главните адути на опозицијата“, вели Даштевски.

Слично сомневања изнесе и Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ запрашан каква кампања очекува да се води во престојниот период. Милошоски вели дека очекува опозициската партија да се користи со вулгарно ниво на напаѓања, клевети и навреди.

„Ќе имаме кампања во која оној којшто очекува да изгуби, во моментов анкетите говорат дека тоа е главната опозициска партија, дека ќе користи најразлични средства, дозволени и недозволени таа кампања да се сведе на ниско ниво, би рекол на некое вулгарно ниво на напаѓања, клевети, навреди и измислени работи. Ние ќе се обидеме како партија да го задржиме достоинството во изборната кампања. Изборните резултати сме ги признавале и ќе ги признаваме, бидејќи истите се слика и огледало на волјата на народот и ние секогаш ја почитуваме волјата на народот, како до сега така и отсега“, изјави Милошоски вчера при средба со граѓани во Пештани.

Партии предизборната кампања според Роковникот што го донесе Државната изборна комисија ќе ја спроведуваат од 21 ноември до изборниот молк ден пред одржувањето на изборите на 11-ти декември. Лидерите и на двете партии најавуваат засилени партиски активности на терен, средби со граѓаните и голема понуда на проекти кои ќе се реализираат по одржувањето на изборите.

gruevski-trnovo-gragjani3-640x427

 

„Почнуваме силно на терен, како никогаш досега. Ќе пробаме да допреме до секој еден граѓанин, до секое едно семејство за да ја пренесеме нашата порака, да ве погледнеме во очи и да ви кажеме кои се нашите планови и идеи како да го направиме вашиот живот подобар, како да ја направиме нашата татковина попросперитетна и подобро место за живеење. Ние ја имаме таа обврска и никој не може да ја сака нашата татковина повеќе од нас самите кои тука живееме“, порача лидерот на ВМРО ДПМНЕ во видео порака објавена на Фејсбук.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев најавува пак дека најголемата борба на неговата партија ќе биде враќањето на средната класа, задржувањето на младите во земјава.

_upload_news_5430-14731107_10154724860242932_8380164462981106152_n

„Планот за Македонија и конечните цели се: ќе го покачиме на животниот стандард стандард за 70 проценти. Најмногу се економски мерки. Да решиме невработеноста, младите да останат овде. Кога млад човек ќе заврши образование, општеството веднаш да се пушти кон него, да му даде практична едукација, веднаш да му понуди работно место.да му даде можност да напредува во кариерата. Конечно да бидеме насочено буквално да ги ловиме младите, со нивен ангажман овде. Но, притоа и да ги намалиме трошоците за живот. Сите овие макро трошоци што секој ден доаѓаат до секое семејство, да ги намалиме. Да ја вратиме ефвтината тарифа на струјата, да ја укинеме радио дидуфната такса, да ги намалиме извршителсклите трошоци на извршителите на не повеќе од 10 поњсто од глаавниот долг. Да ги укинеме сите овие казни кои доаѓаат кон граѓаните. Намалувајќи ги трошоците на граѓаните, а вбризгувајќи повеќе пари во секое семејство, ќе го покачиме стандардот и намалиме трошоците, и на крајот ќе добиеме финаниски квалитет на граѓаните“, изјави Заев откако беа распишани изборите.

Инаку, истражувањата на јавното мислење направени во изминатиот месец покажуваат солидна предност на ВМРО ДПМНЕ во однос на СДСМ. Според последното истражувањето на Институтот „Димитрија Чуповски“  27,6 отсто за ВМРО-ДПМНЕ, 16,1 отсто за СДСМ.