Македонија

Дали премиерот крие докази за „Монструм“? Каква врска има кошмарот на Азири со субвенциите од Бејта?

Каква врска има кошмарот на Азири со субвенциите од Бејта?

Дали премиерот Зоран Заев ги предал сите „бомби“ што ги има за „Монструм“ на СЈО, вклучително тие на кои  обвинетиот Фејзи Азири разговара со тогашниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, а ги зачувал оние кои им ги презентирал на родителите на убиените деца кај Смилковци?

Заев денеска од собраниската седница рече дека немал докази за „Монструм“, а во мај 2017 година го тврдеше спротивното. Тоа како да не беше доволно, па додаде дека е прашање дали некогаш ќе се открие вистината за петкратното убиство кај Смилковци.

За Смилковско езеро ако имаше конкретни докази, верувајте, како секоја „бомба“ така и таа „бомба“ ќе ја објавев до крај. Но  таму има сериозни индиции и сите материјали ги предадов во СЈО. Таткото на едно од загинатите момчиња имаше можност да види разговор помеѓу обвинетиот Фејзи Азири и Невзат Бејта кој беше за субвенции. Тој тоа го виде и ги виде телефоните кои што наводно беа скриени. Немав право јавно да објавувам такви податоци, но имав право да ги покажам на родител кој што изгубил дете. Има и дополнителни докази кои што треба да се истражат, апсолутно нема криење на ништо , рече Заев.

Минатата недела требаше да почне повторното судење за „Монструм“ во кој се обвинети шестмина за петкратното убиство. Меѓу нив е и Азири. Тој одеднаш се најде во центарот на вниманието на јавноста, откако родителите на убиениот Александар Наќевски рекоа дека Заев им покажал транскрипт од разговор меѓу Азири и Бејта.

„Вечерва сонував еден многу лош сон како му ги врзав рацете на момчето, па плачев, па сега си велам да не се израдувам да не не го довршив тој никаквец“ се жалел Азири на Бејта.

Сепак, премиерот денеска не одговори од говорницата каква врска имаат субвенициите со кошмарот на Азири и за кој никаквец обвинетиот зборува дека не го довршил.

Јас заради чувството на родители што изгубиле деца навистина им покажав разговори во просториите на СДСМ каде што видовме како едно од осомничените лица, Азири, воедно ѕвони и разгова со Бејта го моли за 450 евра субвенции за земјоделство. Исто на родителите им покажав и со кој разговарале, ги видоа телефоните, јас не можам да бидам истражител, тоа е предадено, процесот се води, се е предадено, изјави Заев по одложеното судење.

Токму отсуството на Азири, кој токму еден ден пред судењето бил хоспитализиран на Клиниката за пулмологија, беше причина за одложување на судењето.  Тоа предизвика револт кај родителите на убиените момчиња, па Горан Наќевски го обвини Заев дека откако склучил коалиција со ДУИ манипулира со доказите кои што можат да доведат до вистината за „Монструм“.

Кога бевме на една средба кај Заев рече дека ќе ни даде шест разговори кои се водат како државна тајна за шест функционери на ДУИ, но подоцна тие станаа пет. ДУИ тогаш беше нивни противник. Заев ни ги посочи и покажа транскриптот од разговорот меѓу Невзат Бејта и Фејзи Азири. Не го исполни ветувањето, од политички причини не ни ги даде тие пет државни тајни. Бараме претрес да се изврши во моментов во седиштето на СДСМ. Тврдам дека тие транскрипти се таму, рече тогаш Наќевски.

Да не беше судењето немаше да се дознае ниту дека Азири од министерот за правда бил привремено ослободен од издржување на затворската казна во Штип, но тој не се вратил во предвидениот рок, па бил во бегство. Полицијата го уапси во болницата откако од медиумите разбрала дека е во бегство.

Во скандалозното интервју лани за српски „Курир“, претседателот на СДСМ тврдеше дека осудените во „Монструм“ биле невини, односно дека немало никакви докази оти тие се виновни. Запрашан дали има докази кои расветлуваат што се случило на Смилковското езеро каде се убиени четири деца и еден риболовец, Заев одговари:

„Постојат разговори кои покажуваат дека за луѓето кои се во затвор нема никакви докази за тоа. Во разговорите не постојат докази кој тоа го направил, но постои сомнение дека власта е вмешана“

Заев: Обвинетите во „Монструм“ се невини

Скандалозно интервју на човекот кој сака да стане премиер – Обвинетите во „Монструм“ се невини

Posted by Република online on среда, 3 Мај 2017

Случајот „Монструм“ минатиот месец го презеде СЈО, откако Врховниот суд поради пропусти во водењето на постапката ги укина пресудите со кои шестмината обвниети беа осудени на доживотен затвор. По оваа одлука, предметот е вратен на судење од почеток. Највисокиот суд ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост, односно да не смеат да го напуштат градот во којшто живеат, а имаат и обврска двапати неделно да се јават во Основниот суд Скопје 1. Меѓународните потерници за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште се активни, иако тие со години се на Косово.