Свет

Калек: Сноуден може да се надева на продолжетокот на азил во Русија

Калек: Сноуден може да се надева на продолжетокот на азил во Русија

Пребегнатиот американски разузнавач Едвард Сноуден може да се надева на продолжеток на својот азил во Русија, рекол денес за германското радио РББ неговиот германски адвокат Волфганг Калек.

„Ние поаѓаме од тоа дека азилот ќе се продолжи“, рекол Калек, но и додал дека гаранции за тоа меѓутоа не постојат.
Азилот на Сноуден во Русија истекува на крајот на јули, а медиумите потсетуваат дека тој веќе поднел ново барање за азил во Бразил.

Кога станува збор за Сноуден во Германија, имаше некои политичари кои зборуваа дека на овој поранешен американски разузнавач можело да му се понуди и азил во Германија, бидејќи од неговите информации може да се профитира.

Германците, како што покажуваат анкетите, имаат поделено мислење околу тоа дали Сноуден во Германија треба да добие политички азил. Американското шпиунирање вклучително и на канцерларката Меркел, за што постојат индиции, предизвика бурни реакции во таа земја.

Германските медиуми пишуваа дека Сноуден , меѓутоа, едвај можел да смета дека канцеларката би се ангажирала да му помогне.

Сноуден од барање за азил во Германија го одвраќа и неговиот татко Лон Сноуден, кој на германските медиуми еднаш им рекол дека има малку доверба во политичарите на сојузната германска влада и нагласил дека е благодарен на граѓаните на Германија кои „први застанале“ против праксата на прислушкување на американските разузнавачи кои ги обелоденил нивниот син.