Калифорнија ја легализираше „рекреативната“ марихуана

Сојузната американска држава Калифорнија, којашто одамна е прочуена по „златната треска“ наскоро може да ја очекува и „зелената треска“, имајќи предвид дека во 2018 година се очекува легализирање на марихуаната за „рекреациски“ намени.

И покрај донесениот закон, најголемите калифорниски градови Лос Анџелес и Сан Франциско допрва треба да започнат да ги издаваат локалните дозволи. Американското Биро за контрола на употребата на канабисот од петокот издало само 120 привремени дозволи за овластени лица кои продаваат марихуана за медицински цели. Од понеделник ќе може легално да се купат производи од канабис во градовите Окленд, Беркелеј, Сан Хозе, Санта Круз, Сан Диего и уште неколку помали калифорниски градови.

Калифорнија стана седмата американска сојузна држава, по Алјаска, Колорадо, Орегон, Висконсин, Масачусетс и Вашингтон диси, во коишто со закон е дозволено користење на марихуаната за рекреациски цели. Споменатите држави го регулираа пазарот и воведоа данок на марихуаната за рекреациска употреба, како и законите со коишто се регулира консумирањето алкохол.

Со новиот калифорниски закон, изгласан на референдум во 2016 година, на лицата постари од 21 година им е дозволено легално поседување, транспортирање, набавување, потрошувачка и дистрибуција до 28,5 грама марихуана, и осум грама концентрирана марихуана. Во согласност со истиот закон, на возрасните лица им е дозволено да можат да одгледуваат шест стебла на марихуана, под услов на да не бидат изложени на јавно место. На споменатиот референдум, против легализацијата, очекувано, беа повозрасните од 65 години гласачи и републиканците.

За да може канабисот од 1-ви јануари во калифорниските градови за рекреациски цели да може да се продава во продавниците, нивните сопственици мора да издејствуваат дозвола која ќе им ја издава државата, а во прв ред треба да добијат локална лиценца. Меѓутоа,градовите како Лос Анџелес и Сан Франциско засега воопшто не започнаа со издавање на овие дозволи. Градските татковци на Лос Анџелес велат дека процесот на издавање лиценци за продажба на марихуаната во рекреациски цели ќе го започнат во среда.

„Калифорнија е вообичаено бавна држава кога станува збор за правилата и законите“, изјави Морган Фоокс, дирекот за комуникации на проектот „Marijuana Policy Project“, активистичка група којашто ја заговара реформата на политиките за користење на марихуаната. Додава дека за целосна регулација на пазарот на марихуаната којашто се користи во медицински цели беа потребни 19 години,. Попрецизно, овој процес траеше од 1996 до 2015 година. Според податоците на оваа група, во Калифорнија во моментов има повеќе од милион и пол лица кои поседуваат лиценци за медицинска употреба на марихуаната.

Половината од 50-те американски сојузни држави дозволуваат користење на марихуаната за медицински цели, иако во согласност со сојузниот закон таа сѐ уште е илегална, па со хероинот се вбројува во најопасниот вид дрога. Одговорните лица тврдат дека сега е важно да се основаат релевантни агенции за надзор и контрола на користењето на марихуаната за лични потреби. Сметаат дека е најважно јавноста и полицијата да бидат сензибилизирани на новиот потег и за сето тоа да имаат доволно знаења. Добрата вест е дека сите држави коишто досега ја легализираа марихуаната за рекреативна употреба, веќе поставија стандарди, послужувајќи како експеримент за државите коишто следат.

Новите закони веројатно ќе придонесат за натамошен раст на пазарот на марихуаната во САД. Се проценува дека само калифорнискиот пазар вреди 1,6 милијарди долари и дека до 2020 година би можел да порасне на 6,4 милијарди долари.