Калиопи главна ѕвезда на новогодишната прослава во Битола

Градоначалникот на општина Битола, денес на прес конференција ја објави новогодишната програма која ќе се реализира на Плоштадот Магнолија, а ќе биде во организација на општината.

Од општината информираат дека и годинава, програмата ќе понуди содржини за сите генерации, а пред се за најмладите.

Детската програма започнува во сабота на 27.12, а завршува во среда на 31.12.2014 со пладневниот блок. Во овие 5 дена најмладите ќе другаруваат со детските хитови од детските фестивали СИ – ДО, Тра ла ла, Мегабит кидс и Детско тинејџерскиот фестивал. Покрај детските музички блокови, децата ќе можат да другаруваат и со 4 детски театарски претстави и тоа: „Работилницата на Дедо Мраз“, „Најубавата ноќ“, „Новогодишна приказна за Дедо Мраз“ и „Земјата наопаку”, како и два доста интересни настани – Детскиот перформанс „Собата на Дедо Мраз“ и новогодишна креативна работилница „Среќни 365 денови“.

На 30.12 во Центарот за култура со почеток во 20.00 часот е традиционалниот Новогодишен концерт на битолскиот камерен оркестар. Вечерната програма за Дочек на Новата 2015 година започнува на 31.12 во 20.00 часот.

„Од 20:00 – 20:35 настапува музичката група – Х Бенд, од 20:40 – 20:55 – Сефедин Бајрамов, од 21:00- 21:30 – Музичка група –  Памперс, од 21:35- 22:00 – Музичка група – Паркети, од 22:05–22:30 – Ламбе Алабаковски, од 22:35 -22:55 – Влатко Лозановски – Лозано, од 23:00 -00:30 – ексклузивно за сите нас, најголемата музичка ѕвезда во Република Македонија, уште од екс ју просторите и денеска – Калиопи, од 00:35- 00:50 – Борче Наумовски и 00:55 -02:00 – Музичка група – Боеми.

– Знаете дека Калиопи е многу ангажирана затоа ова го договаравме повеќе време и оваа година ќе биде наша ексклузивна ѕвезда. Исто така, на лето на Бит Фест планираме и голем концерт на Калиопи во Хераклеа. Верувам дека ќе имаме голем број гости и дека сите ќе бидат задоволни од она што општина Битола и годинава ќе го понуди како програма за дочек на Новата година, изјави градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.

Калиопи ја изрази својата радост и возбуда што годинава ја има можноста за Нова година да настапува во живо со својот бенд во Битола, местото кое посебно ја врзува.

– Ви благодарам за срдечната покана. Моја привилегија е да ја поминам оваа вечер со битолчани. Затоа што знаете што за мене претставува Битола. Секој мој концерт во овој прекрасен град бил исполнет со многу емоции. Мислам дека овој град заслужува многу. Јас ќе се обидам таа вечер да ви ги стоплам срцата, затоа што подготвуваме навистина добра програма, изјави Калиопи.

Покрај Новогодишната програма, општина Битола, подготви програма и за Коледе кога и традиционално се пали коледарскиот оган на Плоштадот Гоце Делчев. И двете програми, Новогодишната и програмата за Коледе се објавени на општинската веб страница www.bitola.gov .mk, од каде граѓаните можат точно да се информираат за сите настани.