Kамбовски: Во разговорите во Брисел треба да се потпираме врз домашната памет

Преговорите, разговорите во Брисел и дома треба да ги водиме така што се повеќе и повеќе да се потпираме врз домашната памет. Ако ја немаме да ја потхраниме, да ја помогнеме. Не може 25 години нашата демократија да зависи од ваква или онаква интервенција само на странскиот партнер.

Ова денеска го изјави претседателот на МАНУ Владо Камбовски по повод 70-годишнината од објавувањето на македонскиот правопис во организација на МАНУ, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Во однос на последните случувања во нашата држава, Камбовски рече дека тие добиваат белези на една се подлабока политичка криза.

За забелешките дека Академијата премолчува, Камбовски истакна дека МАНУ е највисока научна и уметничка институција која, како што рече, е од посебен интерес за Македонија.

„Во однос на сите овие прашања, како што рече, Академијата не молчеше. – Академијата зборуваше многу погласно за се она што се случува во Македонија, но прашање е дали некој сакал да ја слуша“, потенцира тој.

Камбовски изрази надеж дека ќе се дојде до институционални решенија, кои итно ќе бидат вградени во Уставот како додатни гаранции за да не дојде до преплетување на надлежностите на инститициите.