Камбовски: За јазикот, идентитетот и државното име не се преговара

Почнувањето преговори за членство на Македонија во ЕУ, не само што нема да го усложни, туку, напротив ќе го олесни надминувањето на проблемот со спорот за името, посочи денска претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски.

На пристапното предавање на академик Феликс Унгер, во пресрет на денот на Европа – 9 Мај, Камбовски укажа дека решавањето на спорот со Грција за името со кое Македонија ќе стапи во ЕУ и НАТО, станува очигледно предмет на бескорисни и политички манипулации, а македонскиот национален идентитет, јазик и уставното име Република Македонија не можат да бидат предмет на преговори.

„Тие не се врзани за државата, туку за поединецот и за неговите природни слободи и права на идентитет, јазик и име што тој ќе и го даде на својата држава. Ниту една влада или друга државна институција и поединец нема легитимно право да ги проблематизира, преговара или договара нешто за нив. Тие не може да бидат ни предмет на референдум, закон, уставна измена или каков и да е акт на државата  затоа што се природни, неотуѓиви и неоктроирани права, недопирливи за државата“, рече Камбовски.

Името под кое една држава стапува во меѓународни организации, според него, може да биде уредено и со договор или акт на самата меѓународна организација, која ги почитува интересите на сите страни, но и од страна на државата.

„Заради забрзување на процесот на евроинтеграција, најрационално е решението преговорите на ЕУ со Република Македонија да почнат без одлагање и под нејзината референца во ООН“, смета Камбовски.

Република Македонија, додаде, е толку длабоко завлезена во процесот на евроатланските интеграции, што тој веќе не може да биде запрен по чија било волја, па дури не дозволува ни политичка арбитрарност на државните институции надлежни за неговото водење и напредување.

Академик Феликс Унгер, претседател на Европската академија на науките и уметностите и член на МАНУ надвор од работниот состав истакна дека Европа е простор во кој владее слободата и оти во таков простор треба да се земат предвид животните вредности, но, како што рече, потребна е и толеранцијата и соживот.

„Случајот со Македонија е комплициран. Постојат многу погрешни толкувања и понекогаш не е од голема помош да се користи историјата. Јас лично мислам дека кога зборуваме за Европа, слободите, толеранцијата, човековите права, треба да гледаме во иднината, бидејќи историјата нема место во заедничкото живеење, рече Унгер.

Во однос на грчкиот став за уставното име, истакна дека во Европската академија земјата е заведена како Македонија, а при секоја покана на македонски преставник на собири на академијата се користи уставното име.