Камен темелник на ново спортско игралиште во Лабуништа

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески заедно со министерот за образование Спиро Ристовски беа во обиколка на Струшкиот регион и го означија почетокот на градежните активности за неколку спортски инфраструктурни објекти.

Најпрвин, остварија посета на ОУ “Единство”-с.Октиси каде започна реконструкцијата на постојното игралиште со финансиски средства од Министерството за образование и наука.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески информираше дека во Октиси ќе се санира и адаптира уште едно игралиште за потребите на жителите, а во селото Лабуништа ќе се гради повеќенаменско игралиште како дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт за изградба на 100 вакви повеќенаменски спортски терени.

„Во Октиси ќе направиме целосна адаптација и санација на уште едно спортско игралиште. Тука не застануваме. Денеска ќе ставиме и камен-темелник на уште едно спортско игралиште во село Лабуништа,“ изјави Спасески во Октиси.

Повеќенаменското игралиште во Лабуништа ќе биде ставено на располагање на сите граѓани за спортување, рекреирање и за натпреварување. Игралиштето ќе може да се користи деноноќно и ќе биде место за собирање и дружење на младите и постари генерации. Игралиштето ќе биде опремено со спортски реквизити и опрема за фудбал, кошарка, ракомет и други спортови. Истото ќе биде заградено и осветлено за спортување и одигрување на натпреварите во ноќните часови.

„Искрено се надевам дека токму од овие игралишта ќе произлезат новите фудбалски ѕвезди од калибарот на Игор Митревски, Артим Шаќири и Величе Шумуликовски, или пак новите ракометни таленти од типот на браќата Мојсоски, браќата Маркоски, Аце Јоноски, на чии успеси ќе се гордеат не само стружани, туку и цела Македонија,“ потенцираше директорот Спасески, на поставувањето на камен-темелникот на игралиштето во Лабуништа.
Тој најави дека Агенцијата за млади и спорт по завршување на тендерските процедури и комплетирање на градежната документација ќе пристапи кон реконструкција на спортските игралишта во с. Нерези и с.Ложани, изградба на ново повеќенаменско игралиште во с.Мислешево и целосна реконструкција на фудбалското игралиште во с. Мороишта.
Воедно, Спасески додаде дека во изминатиот период, АМС го изгради фудбалското игралиште “Браќа Миладиновци” на влезот во Струга, а предвидено за градба е и тениско игралиште од проектот за изградба на 100 тениски игралишта низ државата.