Балкан

Каменос: Ако Грција излезе од Еврозоната, ЕУ ќе биде преплавена од џихадисти

Каменос: Ако Грција излезе од Еврозоната, ЕУ ќе биде преплавена од џихадисти

Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос упати ново предупредување до Европската унија дека Грција нема да може да ги контролира границите поради постојаните напори за дестабилизација на Владата во Атина од европски високи претставници, пренесува МИА.

Во интервју за Тајмс тој нагласува за „упорните“ потези на европски високи претставници да предизвикаат пукнатини во владината коалиција. Тој ги оквалификува тие акции како „грубо мешање во внатрешните работи на Грција“.

– Ако Грција излезе од еврозоната и ЕУ тогаш ќе бидат изложени на ризик многу повеќе нешта отколку економската стабилност и еврото, предупредува грчкиот министер за одбрана.

Панос Каменос имаше неколку такви изјави во почетокот на март кога ги предупреди кредиторите дека ако држат тврда линија спрема Грција тогаш „државата ќе им даде документи на имигрантите за да стигнат до Берлин“.

За британски Тајмс тој вели дека Берлин и Брисел и се заканувале на Грција со напори да ја доведат државата до „целосна економска капитулација“.

– Ако Грција биде натерана да излезе од еврозоната тогаш бранот имигранти без документи ќе минат низ Грција за да се упатат кон срцето на Европа, предупредува грчкиот министер за одбрана.