Каменос предупреди за масовен прилив на бегалци во ЕУ

Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос предупреди на можноста од масовен прилив на бегалци во Европа поради „економскиот ќор сокак“ меѓу Атина и останатиот дел од еврозоната, јави ДПА, пренесе МИА.

– Доколку тие и нанесат удар на Грција, тогаш треба да бидат свесни дека имигрантите ќе добијат документи за патување и ќе се насочат кон Берлин, изјави синоќа Каменос на состанокот на неговата крајнодесничарска партија Независни грци, која е коалициски партнер во Владата на радикалната левица СИРИЗА.

Каменос истакна дека доколку меѓу бегалците има борци на групацијата Исламска држава, тогаш Европа самата ќе биде одговорна, поради нејзиниот став по прашањето за грчкиот долг и реформи.