Камерон бара од разузнавачите да го пронајдат џихадистот „Џон“

Британскиот премиер Дејвид Камерон побарал од разузнавачките агенции да го пронајдат џихадистот „Џон“, кој се појавува на видео снимките при ликвидациите на западните заложници, меѓу кои досега имаше и двајца Британци, пишуваат лондонските весници, објави МИА.

Според „Сандеј тајмс“, на средбата во резиденцијата на британските премиери во Чекерес, Камерон во разговор со директорите на разузнавачката агенција МИ6, на контраразузнавачката служба МИ5 и на Главниот штаб за разузнавање и прислушување, побарал џихадистот „Џон“ да биде лоциран, а специјалните сили на британската армија САС да го фатат „жив или мртов“.

Состанокот во Чекерс е одржан по бруталната ликвидација на Британецот Алан Хенинг, кој како и другите убиени заложници беше обезглавен.

Хенинг беше таксист кој доброволно отпатува во Сирија за да помогне при дистрибуцијата на хуманитарната помош за цивилите погодени од граѓанската војна. Во реонот на Алепо, во близина на сириско-турската граница, Хенинг беше заробен и одведен од џихадистите на Исламска држава.

Неговата ликвидација тие ја сметаат како „предупредување“ и казна за Владата на Велика Британија и за  учеството на британската авијација во бомбардирањето на позициите на ИД во Ирак.

Весниците во Лондон тврдат дека Камерон побарал да се откријат и киднаперите на Хенинг, оценувајќи ја нивната постапка и убиството на британскиот хуманитарец како „варварство“.

За џихадистот, по кого се вели дека постои „потерница“, се дозна од ослободените заробеници на ИД кои открија дека биле чувани, но и  тероризирани од група исламисти кои зборувале течно англиски јазик. По изговорот на нивниот англиски се верува дека се од Лондон или од југоисточните делови на Англија.

Од поранешните заробеници се дознава и дека овие џихадисти меѓу себе се именуваат како Џон, Пол и Ринго, по имињата на славните „Битлси“. Едниот од нив, со прекарот „Џон“, се поврзува со ликвидациите, кои потоа се прикажани на видео снимки.