Свет

Камерон најави дека не сака и трет мандат како премиер

Камерон најави дека не сака и трет мандат како премиер

Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека не сака и трет мандат, доколку победи на претстојните парламентарни избори и остане во Даунинг стрит 10, пренесува МИА, повикувајќи се на Би Би Си.

Камерон рече дека ако го добие и овој мандат, по неговото завршување во 2020 година, ќе се повлече од политиката.

Тој смета дека неговата досегашна работа како премиер, е само половично завршена со стабилизацијата на економијата и обезбедувањето нејзин развој, но дека му е потребен уште еден мандат од нови пет години за да ги заврши реформите и во образовниот систем и во социјалниот сектор.

– Уште еден,трет мандат потоа, би било премногу, рече Камерон во интервјуто, објаснувајќи дека доколку не успее на изборите во Велика Британија што ќе се одржат на 7 мај, „ќе работи нешто друго“.

Изјавата за „третиот мандат“ предизвика бурна реакција на британската политичка сцена. Опозициските лабуристи ја оквалификуваа изјавата на Камерон како „пример за ароганција“ и за непочитување на гласачите, додека либералдемократите кои се дел од сегашната владина коалиција, изјавата ја нарекоа „дрска и безобразна“.

Британски политички аналитичари оценуваат дека доколку Камерон и по мајските избори,остане во Даунинг стрит 10, со својата изјава за „откажување од трет мандат“ ќе предизвика преуранет старт на изборната трка во Конзервативната партија за негов наследник.

Тоа би значело дека во следните пет години партијата на власт, повеќе ќе се занимава со тоа кој ќе биде следниот лидер, а помалку со тековните владини и државни работи.

Како главни претенденти за наследник на Камерон, засега се споменуваат актуелниот министер за финансии Џорџ Озборн, министерката за внатрешни работи Тереза Меј, за која уште од сега се зборува како за новата „челична леди“, како и сегашниот градоначалник на Лондон, Борис Џонсон, кој уште минатата есен најави дека ќе се кандидира и за пратеник.

Дејвид Камерон стана премиер во мај 2010 година откако неговите конзервативци освоија најмногу гласови на тогашните избори, иако недоволно самите да формираат влада, па создадоа коалиција со либералдемократите. За лидер на британските ториевци тој беше избран во декември 2005 година, што значи дека доколку остане премиер и по сегашните избори и исполни еден цел мандат, би останал партиски лидер 15 години.