Камерон се соочува со бунт во Владата поради имиграцијата од ЕУ

Британскиот премиер Дејвид Камерон се соочува со бунт во Владата, поради плановите да се овозможи неограничен број на бугарски и романски имигранти да пристигнуваат во Велика Британија од следната година, пишува британскиот весник „Телеграф“.

Министерот за станбени прашања и локалната власт, Крис Хопкинс, отворено ја поддржува кампањата на над 50 членови на Конзервативната партија, кои сакаат Камерон да донесе нов закон со кој се ограничуваат правата на Бугарите и Романци кои заминуваат на работа во Велика Британија.

Хопкинс ги заштити конзервативците, кои инсистираат сегашната гранична контрола врз мигрантите од Бугарија и Романија да биде продолжена по истекот на дејството во јануари. Тој предупредил дека ако јавните стравови од имиграцијата не бидат смирени со „цврсти“ дејства, тоа би ги насочило избирачите кон екстремно десничарските партии и екстремисти, се наведува во весникот.

Интервенцијата на Хопкинс дојде откако стана познато дека неколкумина други членови на Владата се предупредени од парламентарните лидери на конзервативците да не го поддржат амандманот за промена во имиграционото законодавство, што би го забранил пристапот на бугарските и романските мигранти до 2019 година.

Минатата недела Камерон најави планови за нови ограничувања на правото на мигранти од ЕУ да аплицираат за помош во Велика Британија. Тој повика на преиспитување на европските правила за слободно движење во обид да ја запре „огромната имиграција“ од посиромашни земји во Европа кон Запад. Неговите предлози предизвикаа лута реакција од Европската комисија и од неколку земји од Источна Европа.

Меѓутоа се’ повеќе постојата индикации дека иницијативата на премиерот не ја задоволува желбата во неговата партија за построги ограничувања врз имигрантите од ЕУ, коментира „Телеграф“.