Камерон: Велика Британија е подготвена да ги продолжи санкциите против Русија

Велика Британија не сака нова „студена војна“, но е подготвена да поддржи затегнување на санкциите против Русија доколку процени дека таа „продолжува да ја дестабилизира ситуацијата во Украина“, изјави британскиот премиер Дејвид Камерон во синоќешниот говор за надворешната политика на настанот организиран од Лондонското сити.

Како што пренесува МИА, повикувајќи се на ТАСС, британскиот премиер притоа ја нагласи заканата од „студена војна“ меѓу Западот и Русија, за која во последно време предупредуваат и други политичари.

– Не сметаме дека таквата разврска е неизбежна, и не се стремиме кон тоа, рече Камерон. „Тоа директно ќе му го кажам и на рускиот претседател Владимир Путин за време на нашата средба во Бризбејн, на крајот на оваа недела“, додаде тој.

Првите луѓе на Русија и Велика Британија на 15 и 16 номеври ќе учествуваат на средбата на земјите од Г-20, во австралискиот град Бризбејн.

Истовремено Камерон ги повтори традиционалните обвиненија на западните земји на адреса на Русија, забележа ТАСС.

– Активностите на Русија претставуваат сериозна закана за останатиот дел од Европа, изјави тој. „Доколку Русија продолжи по својот сегашен пат, тогаш ние ќе го засилиме притисокот и односите на Русија со останатиот свет во иднина ќе станат комплетно различни“, рече премиерот.

Тој повтроно ја изрази британската позиција за тоа дека за конфликтот во Украина не постои воено решение, но не прецизира какви чекори треба да се преземат за неговото мирно надминување, посочи ТАСС.