Камион прегазил 12 верници додека спиеле покрај автопат во Индија

Најмалку 12 хиндуистички верници загинаа денеска откако биле прегазени од камион, додека спиеле покрај еден автопат во североисточниот дел на Индија, соопштија локалните власти.

Меѓу загинатите има четири жени, а уште 18 луѓе се повредени. Несреќата се случила пред изгрејсонце на автопатот кај градот Аурангабад во индиската држава Бихар.

Началникот на полицијата на Аурангабад, Упендра Кумар Шарма, изјави дека повеќе од 50 верници се одмарале крај патот по посетата на еден храм во соседната држава Џарканд, кога возачот на камионот загубил контрола врз возилото.

– Верниците го паркирале автобусот и заспале на ливадата во близина на патот, кога ги прегазил забрзаниот камион – истакна Шарма.

Годишно во сообраќајни несреќи во Индија гинат дури 140.000 луѓе.